1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сексизам во БиХ – секојдневна и „нормална“ појава

Милан Шутало / Александар Методијев1 февруари 2013

Во Босна и Херцеговина сексизмот, како вид на дискриминација, речиси да е секојдневна појава. На машкиот сексизам жените се изложени на работа, во институциите на власт, на улицата, во јавноста…

https://p.dw.com/p/17VIl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поради работата која сега ја извршува поранешната новинарка Дражена Пераниќ не можеше пред микрофон да раскаже на што се’ била изложена во судницата во спорот со својот поранешен сопруг, инаку опозициски политичар Сејфудин Токиќ, но на овој случај се сети професорката по социјална психологија Нада Лер Софрониќ.

„Сега се сеќавам на случајот на Дражена Пераниќ, која водеше процес за поделба на стекнатиот имот во бракот. Адвокатот на спротивната страна и‘ рече дека ние во БиХ треба да се вратиме таму каде што жената била пред 300 години и оти Пераниќ е од оној вид жени кои, ако треба, дури би ги бранела и правата на геј популацијата“, раскажува професорката Софрониќ, наведувајќи дека тоа е изреченото во судница, значи во државна институција.

Врв на сексистичкиот истап беше тврдењето на адвокатот Миндар Ашчериќ дека Дражена „нема никакви права околу поделбата на брачниот имот, бидејќи на својот сопруг не му родила деца“, што како што утврди адвокатот, е „вистинската улога на жената“.

Бројни случаи на сексизам

Сексистичките истапи не се реткост ниту во парламентите на БиХ. Така, пратеникот од СДА Амир Зукиќ, коментирајќи ја репликата на својот колега Емедин Конаковиќ, упатена на претседателката на собранието на Кантонот Сараево Мирјана Малиќ, рече: „Со жените не се исплаќа да се разговара и расправа, пушти ја таа Конаковиќ“. Јавноста ја памети и изјавата на некогаш популарниот пејач, пратеникот од Партијата за БиХ Мухарем Сербезовски изговорена во парламентот на БиХ: „Жената кога ќе добие шамар заборава дека го предизвикала“.

Sexismus in der Werbung
Сексизмот е присутен во јавниот живот, како во оваа рекламаФотографија: DW

За машки сексизам, како врста на дискриминација на полова основа, може да се смета и прашањето од еден маж какво што доживеа уредничката на магазинот „Дани“ Џенана Друшко, по еден објавен текст за Мухамед Али Гаши, кој е осуден на 17 години затвор за организирање злосторничко здружување.

„Јас објавив текст во кој е наведено дека Гаши нема никакви службени примања, а купува недвижности во вредност од повеќе стотина илјади евра во центарот на Сараево. Мухамед Али Гаши ме пронајде на една плажа на Јадраското приморје и ми се закануваше поради тој текст. Беше многу дециден кога рече: ’Ако не престанеш да пишуваш за мене и моето семејство јас ќе тргнам на тебе и твоето дете’“, вели Џенана за Дојче веле. Џенана случајот го пријави во полиција, па Гаши поради заканите кон новинарката е осуден на три месеци затвор.

Многумина не знаат што е дискриминација

Саџида Хаџиќ од Фондацијата Цуре вели дека жените секојдневно доаѓаат кај нив и им зборуваат за своите искуства, кои често и не ги гледаат како сексизам, па како вид на дискриминација не ги пријавуваат во полиција.

Sadzida Hadzic, Stiftung CURE aus Sarajevo; Copyright: privat
Саџида Хаџиќ од Фондацијата ЦуреФотографија: privat

„Ние ним многу им зборуваме за самиот поим на дискриминација, со оглед дека многу девојки и жени во БиХ воопшто не знаат што е тоа дискриминација. Дури тогаш се сеќаваат на случаи кога биле дискриминирани – од случаи кога им е префрлено на улица, па се‘ до случаи на сексуално вознемирување на работа“, вели Хаџиќ. „Им сугерираме тешките случаи на дискриминација да ги пријават в полиција“, додава Хаџиќ.

Неда Лер Софрониќ вели дека во БиХ сексизмот е секојдневна вообичаена појава. Тоа е идеологија која жената ја става во инфериорна положба во односот кон мажот.

„Сексизмот стана една инкриминирана општествена теорија и пракса. Благодарејќи на феминистичкото движење, сексизмот е отфрлен како дискриминаторска практика против што сите демократски општества мораат да се борат, па така и босанско-херцеговачкото“, вели Нада Лер Софрониќ.