Седум нови амбасадори стапуваат на должност
28 мај 2014Нови амбасадори во земјата испраќаат Полска, Велика Британија, Кина, Албанија, Финска, Латвија и Република Ирска. На местото на досегашниот британски амбасадор Кристофер Ивон, кој воедно беше и доајен на дипломатскиот кор во земјата, доаѓа Чарлс Едмонд Гарет, кој во британската дипломатија работи од 1987 година, а зад себе има искуство во британските претставништва во Хонг Конг, Никозија, Берн и Тајпеј.
Нов доајен на дипломатскиот кор, односно амбасадор со најдолг стаж во Македонија ќе биде швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото. Нов амбасадор на Народна Република Кина, на местото на Цуи Живеи, е некогашниот новинар Вен Џеншун, кој магистрирал на Академијата за дипломатска политика во Виена, а зад себе има искуство во Директоратот на западно-европски работи во кинеското МНР, како и во амбасадите на неговата земја во Германија и во Луксембург. Во Скопје доаѓа од местото Генерален конзул во Франкфурт. Поранешен новинар ќе раководи и со албанската амбасада во Скопје. Петрит Бушати, покрај 11 годишната новинарска кариера, зад себе има и дипломатско искуство во претставништвата на Албанија во Виена, Стокхолм и Вашингтон.
Нов полски амбасадор Македонија ќе биде филологот Јацек Стефан Мултановски, кој зад себе има искуство во амбасадите во Алмати и Тбилиси, како и во одделенијата за Европа и Русија во полското МНР. Нов амбасадор на Финска, со седиште во Загреб, е Тимо Рајакангас, додека нов амбасадор на Латвија, со седиште во Прага, е Албертс Сарканис. Нов амбасадор на Република Ирска, со седиште во Букурешт, е Џерард Кор.