1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Седативи и антидепресиви меѓу најпродаваните лекови во БиХ

Александра Славниќ / Александар Методијев23 април 2013

Антидепресивите и седативите се меѓу најбараните лекови во БиХ. Светската здравствена организација проценува дека во 2030 год. секој четврти човек на планетата ќе има некој облик на депресивно или анксиозно пореметување.

https://p.dw.com/p/18LQd
Фотографија: DW

Недостатокот на пари и сиромаштијата не ги спречија граѓаните на Босна и Херцеговина да потрошат на седативи и антидепресиви милиони конвертибилни марки. Според податоците на Фондовите за здравствено осигурување за 2012 година, само во кантонот Сараево на лекови кои делуваат на нервниот систем се потрошени неверојатни 5,8 милиони конвертибилни марки. За седативи и антидепресиви во Република Српска се издвоени 3,3 милиони конвертибилни марки. Од сите лекови, кои се издаваат на рецепт, овие супстанции заземаат високо трето место по потрошувачката.

Депресијата зема замав

Началникот на бањалучкиот центар за ментално здравје, психијатарот Ранка Калиниќ, вели дека луѓето денеска повеќе избираат лекување со лекови отколку со други методи, како што е психотерапијата.

Bosnien und Herzegowina – Anti Depressions Tabletten
Калиниќ: „Луѓето немаат време за лекување“Фотографија: DW

„Полесно е да се земе лек. Пациентот побрзо ќе почувствува олеснување и ќе се ослободи од симптомите. За жал, никој нема време за подолг период да се занимава со своето психичко здравје, посебно ако егзистенцијата му е загрозена“, вели психијатарот Ранка Калиниќ.

„Реактивната депресија е во пораст. Тоа е последица на нашите животни околности. Несигурноста и загубата на работата е нешто што јас и моите колеги се’ почесто го гледаме како причина“, вели д-р Калиниќ и наведува дека депресивните луѓе во Шведска и во БиХ исто се чувствуваат, но дека причините за настанувањето на пореметувањето се сосема различни.

Bosnien und Herzegowina – Anti Depressions Tabletten
Ирена Ѓумиќ-Јуриќ-Маријановиќ: „Ние сме пред постојани искушенија“Фотографија: DW

Психотерапевтот Ирена Ѓумиќ-Јуриќ-Маријановиќ вели дека мнозинството луѓе кои бараат стручна помош до некој степен се депресивни.

„Кога станува збор за причините за депресијата на овие простори – луѓето се исцрпени. Прво, војната со која дојдоа бројни трауми, па чест е посттрауматското стресно пореметување, кој и денес доаѓа до израз. Транзицијата и навикнувањето на новиот амбиент исто така се многу стресни. Кога луѓето помислија дека би можело да тргне на подобро дојде до ненадеен пад на животниот стандард, невработеност, неизвесност. Постојано има закана за нивната егзистенција. Едноставно, адаптивните функции веќе 20 години ни се на проба“, вели Ѓумиќ-Јуриќ-Маријановиќ.

Споменатото посттрауматското стресно пореметување, од кое страдал таткото на 30-годишниот Далибор Б. Од Бања Лука го одбележало животот на неговата фамилија.

Bosnien und Herzegowina – Anti Depressions Tabletten
Далибор Б. користел антидепресивиФотографија: DW

„Долго бев незадоволен од својот живот. Немав работа, но тоа не е најголемиот проблем. Времето го минував во куќата со родителите – пензионери. Потоа мојот татко изврши самоубиство и со тоа не можев сам да се изборам. Отидов кај психијатар. По два месеца користење антидепресиви ми беше многу подобро. Оттогаш минаа две години и немав повторна потреба од нив“, објаснува Далибор.

Ова не е проблем само на сиромашните земји. Енормен пораст на потрошувачката на антидепресивите е глобален проблем со кој се соочуваат и многу развиените земји. Но, регистриран е се’ поголем број на пацинети кои конзумираат лекови за смирување за кои не е потребен наод од психијатар. Тоа го потврдува и Мирјана Хричак, вработена во една аптека во Бања Лука, која вели дека речиси секој трет пациент бара некаков седатив.

Bosnien und Herzegowina – Anti Depressions Tabletten
Хирчак: „Самоволно диагностицирање“Фотографија: DW

Меѓу нив е и Бојана К., студентка по медицина во Бања Лука. Гледајќи како колегите во испитниот рок редовно користат седативи, самата посегнала по нив:

„Некако тоа со време ми стана нормално. Бенседините и лексилиумите беа начин како да се ослободиме од големиот притисок и тремата пред испитот. Секако дека тоа не е паметно и не е некакво решение. Мислам дека треба нешто да се направи за тоа прашање, бидејќи луѓето тоа го користат претерано и не размислуваат за последиците“, вели студентката.