1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Кореја нема да може од амбасадите да прави хостели

Чејс Винтер
11 мај 2017

Германија планира да ги зајакне санкциите против Северна Кореја поради нејзината нуклеарна програма. За почеток, амбасадата на Пјонгјанг во Берлин ќе добие забрана да издава имот.

https://p.dw.com/p/2ciYv
Nordkoreanische Botschaft in Berlin
Фотографија: DW/H.Kiesel

Во центарот на Берлин, меѓу Бранденбуршката порта и „Чекпоинт Чарли“, Северна Кореја си тера бизнис со помош на кој се финансира бруталниот режим на Ким Џонг Ун. За време на Студената војна, Северна Кореја поседуваше огромно дипломатско претставништво во Источна Германија со речиси 100 дипломати. Денес, изолираниот режим сѐ уште го поседува истиот имот, но го опслужува со едвај 10 дипломати.
Речиси една деценија Северна Кореја издава дел од неискористениот имот на „Сити Хостел“ (насловна фотографија), нискобуџетен ланец хостели каде собите се издаваат за по 17 евра од вечер. Уште една зграда во склоп на објектот се издава за одржување манифестации и настани.
Северна Кореја заработува десетици илјади евра од издавањето месечно. Тоа е само еден од начините на кои изолираната држава ги користи своите дипломатски претставништва ширум светот за да ги заобиколи санкциите, водејќи бизниси преку кои заработува странска валута.
Парите, велат експерти, се користат за купување забранета технологија, луксузни добра и да се финансираат дипломатските мисии.

Nordkorea Kim Jong Un besucht militärischen Wettbewerb
Ким Џонг Ун му се заканува на светот со нуклеарни нападиФотографија: picture-alliance/dpa/R. Sinmun

Германија сега планира да ѝ забрани на Северна Кореја да го издава имотот на амбасадата, открија во заедничко истражување, Зидојче Цајтунг, ЕнДеЕр и ВеДеЕр.
„Мораме да го зголемиме притисокот врз Северна Кореја за да ја седнеме на преговарачка маса“, вели државниот секретар во Министерството за надворешни работи Маркус Едерер. „Тоа значи дека мораме доследно да ги применуваме санкциите кои ги наметнаа ОН и ЕУ“.
„Затоа сега е особено важно да сториме сѐ за да ги пресушиме финансиските ресурси кои се користат за финансирање на нуклеарната програма. Германската влада целосно го поддржува тоа и властите сега ќе ги преземат неопходните чекори“, вели Едерер.
Според резолуцијата 2321 на Советот за безбедност на ОН, која беше усвоена во ноември минатата година по петтата нуклеарна проба на Пјонгјанг, државите треба да и забранат на Северна Кореја „да ги користи своите недвижности кои ги поседува или држи под наем во нивните земји за било каква цел освен за дипломатски или конзуларни активности“.
Односите меѓу Северна Кореја и меѓународната заедница се заострија последниве месеци откако Пјонгјанг изведе тест на балистичките ракети и им се закани на Јапонија, Јужна Кореја и САД со нуклеарен напад.