СДСМ не го признава Иванов за претседател
2 мај 2014Ѓорге Иванов е избран на функцијата претседател на Република Македонија, на криминални, нефер и недемократски избори, а од тие причини СДСМ не го признава Ѓорге Иванов за претседател на Република Македонија, соопштуваат од партијата.
„Уверението што денеска го доби Иванов од член на ДИК, во отсуство на дел од членовите во највисокото изборно тело и на претседателот на ДИК, е парче хартија, коешто притоа не ја одразува на волјата на сите граѓани на Република Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.
Државната изборна комисија претпладнево му врачи уверение на старо – новиот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за нов мандат на претседателската функција. Иако претходно беше предвидено уверението на Иванов да му го врачи претседателот на ДИК, сепак тоа не се случи и наместо него уверението за втор мандат му го додели членот на комисијата Бедредин Ибраими. Со ова Иванов се стекна со право на втор мандат на чело на државата, откако на гласањето на 27. април во вториот круг од претседателските избори ги доби гласовите на 534.910 граѓани.