1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санадер „има што да каже“

21 јули 2011

Во затворот Реметинец денеска започна сослушувањето на експремиерот Санадер. Многумина сметаат дека тој „ќе удри“ по бившите партиски колеги, иако неговиот адвокат денеска тврдеше дека Санадер нема никого да напаѓа

https://p.dw.com/p/11zkb
Фотографија: AP

Тезата дека поранешниот премиер Иво Санадер нема да молчи за улогата на другите од врвот на власта во аферите во изминатата деценија, ја потврди и неговиот адвокат Горан Суиќ кој рече дека „Санадер има што да каже“.

„Доколку јас сум водач на злосторничка организација, шеф на мафија или не знам што, тогаш како е можно десет години да ме следеле во чекор?“ Со овие зборови експремиерот се бранеше од пилатовското перење на рацете од страна на неговата наследничка Јадранка Косор и останатите од врвот на ХДЗ, кои во изминатите седум месеци тврдеа дека ништо не знаат или немале никаква врска со аферите за кои е обвинет Санадер.

Познати и нападот и одбраната

Auslieferung Sanader Österreich Kroatien
Префрлањето на Санадер во затворот Реметинац во ЗагребФотографија: dapd

Меѓу скандалите се и оние со Хипо банка и преземањето на управувачкиот пакет над ИНА од страна на унгарскиот МОЛ. Клучните личности, кои го товарат за извлекување пари од државните фирми, примање мито и посредување меѓу поединци и интересни групи, се всушност негови пријатели и долгогодишни соработници. Според информациите од хрватското обвинителство, тие се обидуваат да ја купат сопствената слобода, сведочејќи против Санадер. Поради тоа и не изненадува што Санадер одбра да се брани со зборовите- сите заедно седевме и одлучувавме и во ХДЗ и во Владата.

Доколку одбраната на Санадер е позната, познат е и одговорот од ХДЗ: сатанизација на експремиерот и на неговите најблиски соработници за да се сочува позицијата на ХДЗ и премиерката Косор во пресрет на парламентарните избори. Но, според аналитичарите, на Косор и на нејзината партија, тоа тешко ќе им појде од рака.

Аналитичарот Анѓелко Милардовиќ смета дека Санадер е темпирана политичка бомба и двостран меч за својата партија. Според него, Санадер својата позиција не ја користел само за лично богатење, туку го користел актуелниот, легален партиски и државен систем за илегално извлекување пари.

ЕУ и Берлин ја поддржуваат Косор

Аналитичарот Давид Ѓенеро вели дека ХДЗ со падот на популарноста во изминатиот период веќе ја платил цената за аферите. „Процесот против Санадер најверојатно ќе почне по изборите, а дали идната власт ќе го процесуира ХДЗ поради црните фондови, што секако би било преседан, е единствената релевантна политичка тема која може да се поврзе со поранешниот премиер“, вели Ѓенеро.

За борбата против корупцијата, Јадранка Косор доби бројни пофалби од ЕУ. Доминантната проценка во ЕУ е дека Хрватска, и со не до крај реформирано судство, може да обезбеди праведно судење за Санадер.

Во најавеното доаѓање на германската канцеларка Ангела Меркел во Хрватска во втората половина на август, Ѓенеро и другите аналитичари повеќе гледаат поддршка за Косор, отколку за ХДЗ. Сепак, тоа е на некој начин и прекин на воздржаната политика на официјален Берлин кон Загреб која започна за време на мандатот на Санадер со аферата Хипо банка.

Автор: Гордана Симоновиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев