1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темни облаци над Братислава

Барбара Везел / ЕМФ16 септември 2016

Првиот самит по гласањето за Брегзит на ЕУ треба да ѝ даде нова ориентација. Но расположението е мрачно, а неединството големо. Какви интереси ќе се судрат во Братислава?

https://p.dw.com/p/1K3QV
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Klamar

Доналд Туск

Претседателот на Советот на ЕУ со шефовите на влади во Братислава сака „со брутална отвореност“ да ги анализира грешките и проблемите на ЕУ за да се најдат причините за Брегзит. И, потоа со „Bratislava Roadmap“ да се исцрта патот за излез од мизеријата. Тоа не личи на средба во добра атомсфера.

Веќе самата покана на Туск за средбата е депресивен документ: „Луѓето сакаат да знаат дали елитите во Европа можат повторно да воспостават контрола врз настаните и процесите од кои се чувствуваат совладани, дезориентирани и уплашени. Денес многумина мислат (...) дека членството во ЕУ стои на патот на стабилноста и безбедноста.“ Со својата анализа Туск не врзува и визија, а неговите рецепти потекнуваат од политичката кујна на Источноевропејците. Тој предлага ренационализација на одлуките. Во Брисел многумина посакуваат поранешниот полски премиер да му пристапеше на самитот попозитивно.

Ангела Меркел

И Ангела Меркел признава дека Европа се наоѓа „во одлучувачки момент“. Земјите членки мора да работат побрзо и поефикасно, рече таа вчера во Париз при посетата на францускиот претседател Франсоа Оланд. Тоа впрочем важи и за Германија и Франција. Двете земји сѐ уште имаат политички проекти, како оној во Украина. Но, инаку, одвај да имаат многу нешто друго заедничко. Сега треба да се исковаат нови планови за поголема соработка во делот на внатрешната безбедност и треба да се надмине парализата во сферата на одбраната.

Меркел во европската криза седи на „политички црн леб“: конкретни проекти на луѓето треба да им покажат колкава е ползата од Европа. Во секој случај, со поголема соработка во делот на одбраната може да се заштедат пари и да се зголеми ефикасноста.

Турнејата во источноевропските земји, пак, за канцеларката беше повеќе фрустрирачка. Разликите во мислења не се кријат, особено во бегалската политика. Нема солидарност.

Frankreich Paris Präsident Hollande und Kanzlerin Merkel
Договор пред самитот: Меркел вчера беше кај Оланд во ПаризФотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Mori

Вишеградска група

Полска, Чешка, Словачка и Унгарија во Братислава доаѓаат со свој проект. Тие сакаат „културна контрареволуција“ во Европа. Дел од тоа е и тотално отфрлање на миграцијата од муслиманските држави, колнење во „христијанскиот Оксидент“ како единствена заедничка база и враќање на европските компетенции во рацете на националните држави.

Според оваа визија, која ја застапува унагрскиот премиер Орбан и е поддржана од полската влада, ЕУ во иднина би била само лабав сојуз на национални држави. На крајот на годинава Варшава има намера да поднесе соодветен предлог за промена на ЕУ-договорите. Она што Источноевропејците притоа сакаат да го задржат е исплатата од касата во Брисел.

Club Med

Никој дург, туку токму Гркот Алексис Ципрас, кој со својата трајна должничка криза ја држи Европа во грч од почетокот на 2015 година, минатиот викенд ги повика на бунт средоземноморските земји во Атина. „Ние сме многу и можеме да бидеме опозиција“, рече ѓаволесто Италијанецот Матео Ренци. Зашто, во Атина дојдоа и Франција, Португалија и Шпанија, која не беше претставена од премиерот Рахој, туку од негова замена, зашто тој не сака да биде директно доведуван во врска со бунтот.

Целта на „Club Med“ (кратенка од Club Méditerranée, француско туристичко претпријатие, н.з.) е откачување на Пактот за стабилност, според девизата: парите не играат улога. Државни програми за инвестиции треба да ѝ дадат поттик на економијата, а барањето за реформи се турка во втор план. На листата со желби стојат и заедничкото преземање на долговите преку еврообврзници и европско осигурување во случај на невработеност.

Griechenland Athen - Gipfeltreffen der Mittelmeerländer
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Брезгит - невидлив гостин

Британската премиерка Тереза Меј не е поканета во Братислава. Но брегзит седи така да се каже како невидлив гостин на масата. Тој беше причина и симптом на оваа криза и останува непознат фактор. Сѐ додека Лондон не го стартува Членот 50 и со тоа преговорите за истапување од ЕУ, останува отворено како ќе изгледаат идните односи.