Самит за светското здравство во Берлин
12 октомври 2015Околу 1400 научници, политичари, претставници на цивилното општество и на стопанството присуствуваат на тридневната конференција во Берлин на која се дискутира за проблемите со здравството во светот.
На отворањето на Самитот германскиот министер за здравство Херман Грое рече дека Германија е подготвена да ја преземе одговорноста во актуелната бегалска криза, но дека и „сите други земји мора да помогнат“. Директорката на Светската здравствена организација, Маргарет Чан оцени дека миграцијата и сиромаштијата се меѓу најголемите предизвици со кои се соочува светската здравствена заштита. Брзото ширење на отпорот кон антибиотиците е растечки проблем, додаде таа.
На самитот ќе стане збор и за здравствените последици од климатските промени, како дел од подготовките за Климатската конференција на ОН, која ќе се одржи во Париз во декември годинава.
Единствен учесник од Македонија на самитот е неврохирургот Венко Филипче. Тој денеска имаше излагање на една од работните маси на тема Развој на здравствените системи во земји со среден и низок развој. Филипче на самитот учествува како претставник на МАНУ, која што е членка на Интеракадеми медикал панел, кој го организира Светскиот самит. Конкретно околу подобрувањето на состојбата на здравствените системи во земјите во развој, Филипче предлага модел кој ќе се базира на повеќе сегменти:
„Континуираната едукација на младите, воведување истражувачка дејност и здравствен менаџмент на секое ниво во медицинската едукација и воведување на приватно здравствено осигурување“, вели Филипче за ДВ.