1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинација: ЕУ е на вистински пат

Бернд Ригерт
26 март 2021

Имаше грешки, но без Европската унија ќе беше уште полошо. А, солидарноста во рамките на ЕУ и надвор кон другите региони во светот, кога се во прашање ковид-вакцините, сè уште функционира, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3rD4i
Themenbild - Europa Coronavirus
Фотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/imago images

Вакцини против коронавирусот во Европската унија нема доволно и така ќе остане уште некое време. Постојаните гласни барања за побрза вакцинација беа од мала помош на самитот на ЕУ во виртуелниот простор. Поставувањето на прашањето за вина е бесмислено, бидејќи Еврокомисијата во меѓувреме нарача 2,6 милијарди дози на вакцини на шест производители. Проблемот овојпат не е волјата или единството во ЕУ, туку едноставно производствените капацитети што сè уште се градат и, пред сè, снабдувачот кој не испорачува во согласност со договорот: АстраЗенека.

Точно и е дека другите држави беа побрзи и попаметни во набавката на вакцини. САД навремено ги проширија своите производствени капацитети и воведоа забрана за извоз. „Прво Америка“ се покажа како успешен рецепт. Израел и Велика Британија многу се коцкаа, и двете земји се потпираа на еден производител и склучуваа поволни договори за нив. На крајот, „Прво Велика Британија“ и „ Прво Израел“, функционираа.

Солидарност кон надвор

ЕУ беше премногу бавна, реагираше предоцна и не беше доволно подготвена да ризикува. Европската комисија, во меѓувреме, го спозна и го призна тоа. Меѓутоа, кон тоа придонесоа и сите 27 земји членки на Унијата. Покажување со прст кон можниот виновник, сега воопшто не помага.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Европската унија е единствениот регион на богатиот Запад што досега има извезено вакцини во големи количества, имено 70 од 150 милиони дози произведени во Унијата, од кои дел насочени кон посиромашните земји во рамките на програмата Ковакс на Обединетите нации.

Повеќе:

-Меркел: „Се гледа светлина на крајот од тунелот“

-Ковид: По третиот бран, европско лето со колективен имунитет?

-Пасош за вакцинации на ЕУ: што ќе содржи и кои се предностите?

Забрана за извоз ѝ се заканува особено на Велика Британија, која самата може да произведува вакцина, но дополнително нарача и 21 милиони дози произведени во ЕУ. Извозот на вакцини во посиромашните земји, вклучително и оние во непосредното соседство на Европската унија, треба да продолжи непречено. И тоа е правилно, затоа што секако важи максимата дека сè додека целото светско население не е вакцинирано, никој не е навистина безбеден од Ковид-19. Ако ЕУ сега едноставно тргне по патот „Прво ЕУ “ и го запре целиот извоз на вакцини, многу други земји ќе страдаат.

Солидарност кон внатре

Дека за вакцинацијата ќе биде потребно определено време и оти на почеток ќе бидат достапни помалку, а потоа сѐ повеќе и повеќе вакцини, всушност беше испланирано. Но, од друга страна, екстремно пораснаа очекувањата и надежите за конечно намалување на бројот на жртвите и ослободување од мачните и скапи рестрикции на секојдневниот живот. Вакцинацијата е многу емотивна тема. Не е ни чудо што шефовите на држави или на влади на ЕУ дејствуваат раздразливо, панично, понекогаш огорчено и бурно кога станува збор за еликсирите кои спасуваат животи.

И покрај тоа е правилно тоа што ЕУ дејствува заеднички при вакцинацијата. Ако постапуваа поединечно, земјите членки ќе се раскинеа на парчиња на пазарот за вакцинаци. Солидарноста и натаму функционира. Ова го покажува начелната согласност за адаптиран механизам за распределба на вакцините во рамките на ЕУ со цел да се зголемат испораките за државите кои досега примија релативно помалку вакцини.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Се разбира, не оди сè во најдобар ред со кампањата за вакцинација. Но, постојаната приказна за хаосот со вакцинација предизвикан од ЕУ е едноставно погрешна. Ситуацијата би била многу полоша без Европската унија.

Во однос на политиката за вакцинирање, ЕУ, значи, не се претставува во очајно издание, како што често се тврди. Она што, меѓутоа, воопшто не функционира е координацијата на мерките против коронавирусот и организација на патничкиот сообраќај во Европа. Секоја држава прави што сака. Австрија воведе локдаун за време на Велигден, Германија, пак, се премисли. Во Германија хотелите се затворени, во Белгија, пак, се отворени. Во Белгија границите се затворени, додека во Шпанија тие се отворени. Во Франција има полициски час, во Германија нема. И сето тоа при сличен раст на бројот на инфекции. Е, ова, никој не може да го разбере.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија