САД сакаат да запленат ирански танкер
17 август 2019Одлуката на американското министерство следува откако судот во Гибралтар дозволи ослободување на бродот, и покрај жалбата од САД. Танкерот беше пресретнат од британската морнарица на 4 јули под сомнеж дека ги прекршува санкциите на ЕУ со превоз на нафта кон Сирија.
САД тврдат дека нивниот налог е базиран на прекршувања на меѓународното право, како и банкарска измама, перење пари и тероризам. Со тоа се оправдува конфискацијата.
Американската влада објаснува дека бродот, вклучително и два милиони барели нафта во него како и сума од 995 илјади долари, се предмет на конфискација.
Вашингтон се обиде да го задржи танкерот во Гибралтар со тврдење дека тој е поврзан со иранската Револуционерна гарда, која САД ја сметаат за терористичка организација.
Американската обвинителка Џеси Лу во соопштение наведе дека „шемата вклучува повеќе страни поврзани со Револуционерната гарда, како и лажни патувања на Грејс 1“.
Танкерот останува во пристаништето во Гибралтар и неизвесно е дали и кога ќе отплови оттаму, откако судот му даде дозвола да го стори тоа.