1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД предупредуваат од терористички напади во Сочи

АТ/ дпа/ртр/ дв6 февруари 2014

Пред почетокот на ЗОИ во Сочи американската влада испрати предупредување за можни терористички напади врз авиони. Руските сили за безбедност се во состојба на готовност.

https://p.dw.com/p/1B3Z1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владата на САД предупреди од можни напади врз авиони во Сочи во пресрет на Зимските олимписки игри, кои утре почнуваат во руското одморалиште. Според последните сознанија на американските тајни служби, постоела можност терористи незабележително да прокриумчат составни делови за експлозиви во туби од паста за заби или во други козметички шишиња и за време на лет од тоа да направат бомба, се вели во предупредувањето на американското Министерство за заштита на татковината. Предупредувањето важи за директни летови кон Русија, кои полетуваат надвор од територијата на Соединетите држави.

Исламистичките екстремисти од северно-кавкаскиот регион се закануваат со напади, за да ја попречат спортската манифестација во Сочи на Црното Море. Руските сили за безбедност се во состојба на готовност. На Игрите ќе бидат ангажирани околу 100.000 полицајци, војници и агенти на тајните служби.

Зимските олимписки игри во Сочи утре (07.02) ќе бидат отворени свечено. Тие се најголемата меѓународна манифестација во Русија по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година.