САД и Северна Кореја во распламтена војна на зборови
26 септември 2017Во конфликтот околу севернокорејската атомска програма, Пјонгјанг и САД повторно влегоа во војна на зборови. „Доналд Трамп изјави дека нашето раководство нема да биде долго тука“, го толкуваше последниот твит на американскиот претседател, севернокорејскиот министер за надворешни работи Ри Јонг Хо. Тој на прес-конференција во Њујорк, истакна дека зборовите на Трамп значат јасно објавување на војна на неговата земја и оправдува секаков вид воен одговор.
„Сите претставници при Обединетите нации и целиот свет треба точно да се сети за тоа дека САД беа тие кои први објавиле војна“, истакна Ри. Тоа ѝ дава на Северна Кореја право на контрамерки од секаков вид, вклучително и соборување на американски стратегиски бомбардер, дури и надвор од севернокорејскиот воздушен простор, се закани министерот.
САД веднаш возвратија
Министерството за одбрана на САД реагираше веднаш. „Ако Северна Кореја не запре со нејзините провокации, ние ќе му понудиме опции на претседателот за справување со Пјонгјанг“, изјави во Вашингтон портпаролот на Пентагон, Роберт Менинг. Какви можности ќе му бидат понудени на Трамп, тој не прецизираше. Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, пак јасно укажа дека САД не изрекле никаква објава на војна против Северна Кореја. Ваквиот приказ е апсурден, рече Сандерс.
На сето ова му претходеа взаемни воени закани на САД и Северна Кореја по најновото Генерално собрание на ОН. Како демонстрација на сила Трамп во саботата нареди воени бомбардери да летаат по должина на брегот на Северна Кореја. Бомбардери од типот Б-1Б и воени авиони од типот Ф-15-Ц патролираа над интернационалните води во близина на брегот на Северна Кореја. Ова е демонстрација на решителноста на САД и јасна порака дека претседателот има многу воени опции да возврати на секоја закана“, изјави портпаролката на Пентагот, Дејна Вајт.
Раководството во Пјонгјанг од своја страна се закани со напад врз „целата територија на САД“. Во севернокорејскиот главен град десетици илјади луѓе се собраа на голем протест против американската влада. Илјадници работници, војници и студенти го преплавија Пјонгјанг. На еден огромен транспарент со слоганот „Корејскиот одговор“ се гледаа црвени ракети кои удираат во разурнатиот Капитол - седиштето на американскиот Конгрес.