САД и Русија во вербална војна поради Украина
25 април 2014Американскиот државен секретар Џон Кери ја обвини Русија дека го саботира Женевскиот договор за смирување на кризата во Украина. Кери истакна дека ако Москва не преземе итни мерки за намалување на тензиите, тоа ќе претставува сериозна и скапа грешка. Според него, во тој случај Вашингтон нема да има друг избор, освен да воведе дополнителни санкции. Тој нагласи дека времето во кое Москва може да го промени својот пристап истекува и дека САД се подготвуваат да дејствуваат.
„Можноста за промена на курсот се затвора“, предупреди Кери во изјава пред новинарите во американскиот Стејт департмент.
Според Кери, Русија користи пропаганда да ги скрие намерите во Источна Украина и се обидува да го дестабилизира регионот и да ги поткопа изборите во Украина предвидени за идниот месец. Кери истакна дека американското разузнавање располага со податоци дека руските специјални служби „играат улога во дестабилизирањето на ситуацијата“ во Украина. Според него, некои од агентите биле застрелани во Славјанск. Американскиот државен секретар, исто така, нагласи дека украинските власти од самиот почеток не го исполнуваат договорот постигнат во Женева.
Русија ги повика САД да го вразумат Киев
Вашингтон треба да го запре сегашното украинско раководство и неодложно да ја прекине воената операција во југоисточниот дел на земјата, се вели во соопштение на руското МНР.
„Ние сметаме дека САД најпосле ќе преземат итни мерки во интерес на деескалација на ситуацијата во согласност со договорот од 17 април“, се вели во документот.
Москва бара да биде прекината воената операција во Југоисточна Украина и да бидат повлечени единиците на украинските вооружени сили и на безбедносните структури во местата на нивната постојана локација.
„Досега ништо не е направено за решавање на оваа неодложна задача. Се надеваме дека во Вашингтон ја разбираат својата одговорност за настаните, наведува руското МНР.
Чуркин: Русија би можела да интервенира во Украина
Доколку ситуацијата во југоисточна Украина се развива во најлоша можна насока, Русија би можела да ја спроведе одлуката на Советот на Федерацијата за употреба на руските Вооружени сили на украинска територија, изјави постојаниот руски претставник во ОН, Виталиј Чуркин. Тој потсети дека на Советот на Федерацијата, Горниот дом на рускиот Парламент, му дал мандат на претседател Владимир Путин да ги употреби руските вооружени сили на територијата на Украина.
„Таа можност секогаш е во наши раце. Но, се разбира дека не би сакале да дојде до тоа, нагласи Чуркин. Доколку насилството во југоисточна Украина не запре, Русија ќе побара свикување вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, рече Чуркин.
Според него, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун треба отворено да го осуди „користењето на вооружени сили против политичката опозиција“ во југоисточна Украина.
Украина и дава 48 часа на Русија да ги објасни вежбите
Украина во меѓувреме побара од Русија да даде детали за своите вежби во близина на нејзината граница во рок од 48 часа, соопшти вчера украинското министерство за надворешни работи. Во соопштението, кое е одговор на изјава на рускиот министер за одбрана, кој најави воени вежби поврзани со напнатоста во Украина, украинското министерство истакна дека Русија настојува да влијае врз напорите на Киев да ги сузбие милитантите на истокот на државата.
Според Документот на ОБСЕ украинското министерство има право да дознае кои се целите и другите детали од вежбите во рок од 48 часа од своето барања, што значи 14 часот во сабота по средноевропско време, се вели во соопштението
„Изведувањето на руски вежби во близина на украинската граница може да предизвика само загриженост, особено по изјавата на рускиот министер која недвосмислено содржи наговестување за можност руски сили да влезат на украинска територија“, стои во соопштението.
Специјалните сили на владата во Киев вчера во близина на градот Славјанск во престрелка убија петмина сеператисти. Москва реагираше со трупање воени сили на украинската граница и најава на маневри. НАТО смета дека на украинската граница се наоѓаат околу 40 илјади руски војници.
Штајнмаер предлага ангажман на ОБСЕ
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер-Штајнмаер според информации од „Зиддојче цајтунг“ презема уште еден обид за спас на договорот од Женева. ОБСЕ мора посилно да биде вклучен во украинскиот конфликт, пишува Штајнмаерво писмо испратено до Вашингтон, Москва Киев и Брисел.