САД бараат гласање во ОН за Северна Кореја
9 септември 2017Американската предлог-резолуција предвидува болни казнени мерки против комунистичкиот режим во Пјонгјанг, вклучително и нафтено ембарго и стопирање на извозот на текстилни производи. Освен тоа, соопшти претставништвото на САД во ОН, севернокорејските работници повеќе не би смееле да бидат ангажирани во странство. Планирана е и забрана за патување на шефот на државата, Ким Јонг Ун и замрзнување на неговиот имот. Меѓународно изолираната земја во неделата ја изврши својата шеста и досега најсилна атомска проба, според сопствени наводи, вршејќи експлозија на хидрогенска бомба, која би можела да биде транспортирана од интерконтинентална ракета. Силината на потресот на земјиштето во регионот на севернокорејскиот атомски полигон, според сеизмолозите, би можела вистински да биде индиција за експлозија на хидрогенска бомба.
Тестот значи недвосмислено прекршување на постојните резолуции на Советот за безбедност на ОН.
Но, двете вето-сили во највисокото тело на ОН, Кина и Русија, и натаму не навестуваат согласност за американските предлози, со исклучок на делот за блокирање на севернокорејскиот текстилен извоз. Меѓутоа, дипломат од Њујорк е отимист дека трите клучни членки на Советот за безбедност на ОН, САД, Русија и Кина сепак ќе најдат заеднички јазик. Целта на САД е преку нови санкции Пјонгјанг да се принуди на враќање на преговарачка маса за спорната нуклеарна програма.
Русија е првенствено таа која смета дека нови економски санкции не се најпогодниот начин. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, преку својата портпаролка Марија Захарова предупреди дека дополнителни санкции би можеле да значат предизвикување војна или хуманитарни проблеми.
Во меѓувреме, во Северна Кореја продолжуваат одбележувањата на 69-годишнината од основањето на државата, со повици за натамошно атомско вооружување. Одбранбениот сектор мора да произведува оружје за „самоодбрана“ во поголеми размери, се вели во уводникот на државниот весник „Родонг Синмун“. Тоа е во согласност со политиката на истовремен развој на нуклеарното вооружување и на економијата. Комунистичкиот партиски весник повикува на САД и во иднина да им се испорачуваат „пакети со подароци во различна форма и големина“, сѐ додека не се откажат од непријателската политика кон Пјонгјанг.
Ким Јонг Ун претходно ракетниот тест го нарече „пакет-подарок“ за САД.