1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска или гарда на Путин?

Роман Гончаренко / З. Јордановски18 мај 2016

Владимир Путин иницира голема полициска реформа во Русија. Новата „Руска гарда“ ќе му биде подредена лично на претседателот. Набљудувачите се прашуваат дали целта е борба против тероризмот или против опозицијата?

https://p.dw.com/p/1IpSh
Ученици на Руската гарда во МоскваФотографија: Getty Images/AFP/V. Maximov

Рускиот парламент денеска во прво читање ќе се изјасни за основање нови полициски трупи. Тоа е чекор кон реализација на реформата што ненадејно на почетокот на април ја најави претседателот Путин.

Прво стануваше збор за Национална гарда, но за некои тој термин не беше најпогоден: на едни им звучеше премногу „западно“, а други ги потсетуваше на Националната гарда во Украина, која се бори против проруските сепаратисти на истокот на Украина, а во Русија е жигосана како „казнена команда“. Во предлог-законот на крајот се користи терминот Руска гарда.

Предводник - поранешен телохранител од Кремљ

Новите полициски сили ќе бидат регрутирани од постоечкиот кадар на една единица на министерството за внатрешни работи слична на армија, која во советските времиња беше ангажирана во внатрешноста на земјата, како и од други полициски структури. Домашни експерти проценуваат дека Руската гарда ќе брои 300 - 400 000 припадници. Официјални податоци нема. Централната разлика ќе биде во тоа што гардата ќе му биде подредена директно на претседателот.

За шеф на Руската гарда со ранг на армиски генерал Путин го именува 62-годишниот Виктор Солотов, негов долгогодишен човек од доверба и досегашен заменик-министер за внатрешни работи. И тој, како и Путин, во советските времиња работел во тајната служба КГБ. Кога Путин стана премиер во 1999. година, Солотов му беше шеф на службата за обезбедување, а по изборот за претседател една година подоцна, тој стана раководител на претседателската служба за обезбедување.

Маргарете Клајн од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин во именувањето на Солотов гледа индиции дека новата организација е создадена „по мерка“ на претседателот.

Viktor Zolotov Chef der neuen russischen Nationalgarde
Виктор Золотов, шеф на новата Руска гардаФотографија: Imago/M. Metzel/TASS

За која цел е формирана новата полициска единица?

Во Русија се прашуваат што се крие зад формирањето на новите полициски трупи. Самиот Путин тоа го образложи со новите предизвици пред кои се наоѓа земјата. Во текстот на предлог-законот се наведени одбрана од тероризмот, заштита на стратегиски објекти, но и „гаранција за режим во вонредна состојба“, што би можело да значи и дека Руската гарда може да биде ангажирана и за растурање на демонстрации и протестни собири. Таа ќе смее да пука и без предупредување, да претресува станови и да го блокира мобилниот телефонски сообраќај.

Некои експерти сметаат дека Руската гарда првенствено треба да биде ангажирана кај можните протести по парламентарните избори во есента 2017. година, како и по претседателските една година подоцна. Со оглед на сѐ потешката економска состојба, не се исклучуваат такви протести, иако сега сѐ уште мнозинството од Русите го поддржува претседателот. И Маргарете Клајн смета дека најважна причина за основањето на Гардата е загриженоста од можна обоена револуција, како порано во Грузија или на два пати во Украина, или барем од масовни протести.

Второто можно објаснување е дека новата структура треба да го штити Путин од можен пуч во сопствените редови. Освен шпекулации, за такво нешто досега нема никакви докази.

Третото објаснување го нуди весникот „Новаја газета“: новата Гарда треба да ја намали моќта на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Неговата силна полициска трупа треба да биде интегрирана во Руската гарда.

Конечно, Маргарете Клајн смета дека и официјалното објаснение за борба против теророт игра одредена улога: „Русија е меѓу најзагрозените земји во светот од терористички напади“, укажува таа и оценува дека реална закана претставуваат првенствено повратниците од редовите на терористичката милиција „Исламска држава“.