1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руси, Бугари и Израелци ќе градат во Охрид

5 февруари 2011

Многу бизнисмени и потенцијални инвеститори со години меркаат локации во Охрид. Пред се‘ сакаат да вложат во изградба на хотели. Доаѓат, гледаат и си заминуваат. Законите се добри, но не и нивната примена, велат тие.

https://p.dw.com/p/QxEg
Охрид чека инвестицииФотографија: Petr Stojanovski

„Македонија - рај за светските инвеститори“, „Македонија меѓу 10-те топ дестинации за инвестирање“ - вака Владата со месеци ја промовираше земјата низ светските медиуми. Смени и поедностави многу закони, но резултатите се разочарувачки. На пример во Охрид, најтрактивната локација кај месноста Горица не може да се продаде ни по цена за едно евро квадрат и да се најде инвеститор кој ќе гради супер-луксузен хотел.

Зелен коридор за странските инвеститори

Zore Temelkovski Mazedonien Tourismus
Зоре Темелковски: Странците се соочуваат со локал-патриотизам во државатаФотографија: DW

Секојдневно градот го посетуваат разни странски делегации. Сите се восхитени од убавината, природата. И се‘ е добро до тој миг. Но, кога ќе почнат деловните контакти, најчесто се разочаруваат од односот на администрација и креваат раце од се‘. Бизнисменот Зоре Темелковски вели:

„Владата мора да размислува во административниот дел да направи еден зелен коридор за оние инвеститори кои имаат депонирано или ќе дојдат со проекти од над 5 милиони евра. Тоа да е долниот лимит, но не за сите, бидејќи странците се соочуваат со локал-патриотизам во државата и не можат да го остварат законскиот дел којшто го гледаат на интернет страницата.“

Синтагмата „Јас сум власт“ одвраќа од инвестирање

Темелкоски, со партнери од Русија и Бугарија, во Охрид ќе гради голем спа-центар, но и луксузни апартмани. Идејата е да ги опслужуваат сите хотели на крајбрежјето, а бизнисот да го префрлат и на другата страна од езерото, во Албанија. Од личното транзиционо инвестициско искуство додава:

Ohrid 1
Далечниот исток е зрак надеж за ОхридФотографија: DW

„Странците не сакаат да зависат од некој локален шеф. Тој да го толкува законот според неговите видувања и да вика: ’Јас сум власт’. Токму оваа реченица мора Владата, министрите и граѓаните да се обидеме да ја искорениме од администрацијата.“

Никаде не се плаќаат однапред комуналии за инфраструктура пред да ви биде направена, вели Темелкоски. Со тоа открива уште една замрсена алка на патот до инвестирањето:

„Мора што побрзо ингеренциите од централната власт да поминат кај локалната власт и буџетските пари да бидат што поголеми во локалната самоуправа за таа да може да ги решава инфраструктурните проблеми на инвеститорите.“

Израелски бизнисмени имаат сериозни намери

Во Охрид дојде поголема група бизнисмени од Израел, вели Владо Суклоски, заменик директор во Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, чие седиште е во Струга :

„Пред се‘ беа заинтересирани да инвестираат во изградба на хотел, но се и за локација за изградба на фабрика за преработка на отпад и добивање био-дизел гориво. Тоа ќе биде значајно за Охрид и околината со што ќе се реши проблемот со отпадот од околните општини.“

Охрид е потенцијалното место во кое Израелците ќе сакаат да градат Македонска национална населба со сите највпечатливи туристички места и обележја:

„Заминаа со одлични впечатоци и доаѓаат во февруари. Тогаш доаѓа и министерот за надворешни работи на Израел и ќе имаат конкретни предлози и се надевам дека ќе биде потпишан договор барем за еден проект.“

Далечниот исток е зрак надеж за Македонија и Охрид. Кинезите беа тука, а наскоро доаѓа и бизнис делегација од Индија која преферирала инвестиции во туризмот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска