Русија протера грчки дипломати
7 август 2018Грција во јули протера двајца руски дипломати и им забрани влез на уште двајца во земјата поради сомнение дека се обиделе да поткупат државни претставници и да организираат протести со цел да се спречи договорот кој ѝ овозможува на Македонија да стане членка на НАТО.
Русија енергично ги отфрли тие обвинувања.
Одлуката на Атина да ги исфрли руските дипломати предизвика ретко видена криза во односите меѓу двете земји кои имаат традиционално блиски културни и религиски врски.
Руското МНР во понеделникот соопшти дека возвратило на потегот со реципрочни мерки. Во официјалното соопштение на руското МНР не се наведуваат имињата на протераните дипломати. Руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на неименувани извори, тврди дека меѓу протераните се грчкиот трговски претставник, како и еден дипломат кој бил задолжен за одржување контакти во Русија. Уште еден висок функционер на грчкото МНР добил забрана за влез во земјата.
Рускиот амбасадор во Грција ги нарече „глупост“ обвинувањата против руските дипломати, и ја обвини Атина дека делувала без никакви докази. Грчкото МНР одговори со закана дека Москва треба да престане да се меша во внатрешните работи на земјата.
Односите меѓу двете земји дополнително се заладија откако беше откажана и посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Атина планирана за септември.