1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија им се заканува на Курдите

ЖА
23 октомври 2019

Само еден ден по турско-рускиот договор за контрола на граничните области во северна Сирија, Русија упати отворена закана кон курдската милиција ИПГ.

https://p.dw.com/p/3RmNT
Syrien syrische Soldaten bei Manbij, Aleppo
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/A. Safarjalani

Доколку курдската милиција ИПГ не се повлече со своето оружје од пограничните области, тогаш ќе се повлечат сириските погранични трупи и руската воена полиција, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков денеска за руската новинска агенција Тасс. „Но, во таков случај преостанатите курдски формации ќе бидат сомелени од страна на турската армија“, нагласи Песков.

Вчера вечерта (22.10.2019) Русија и Турција се усогласија околу натамошно повлекување на курдската милиција ИПГ од граничните подрачја. Во договорот е поставен 150-часовен рок (околу шест дена) за повлекување на  курдските вооружени борци.

Денеска напладне по локално време, според договорот, руската воена милиција и сириските гранични трупи почнаа да напредуваат кон  северна Сирија.  Постоечкото примирје практично е продолжено за шест дена.

Турција на 9 октомври почна офанзива против курдската милиција ИПГ во северна Сирија, без оглед на жестоките меѓународни протести. Турција во ИПГ, која досега контролираше голема територија на границата кон Турција, гледа терористичка организација и планира со својот воен ангажман да ја истисне од пограничниот регион.

Во меѓувреме генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг воздржано реагираше на  предлогот на германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер  за создавање меѓународно контролирана безбедносна зона во северна Сирија. Столтенберг изјави дека е задоволен кога НАТО-сојузниците прават предлози за постигнување политичко решение на конфликтот во Сирија, кое мора да ги опфати сите засегнати страни, но не даде оценка за планот на германската министерка. Планот пак наиде на одобрување во  Вашингтон.  САД сметаат дека е позитивно ако европска група биде дел од единица за одржување на мирот, изјави амбасадорката на САД во ОН, Кеј Бејли Хачисон денеска во Брисел. Но, таа не знае каков ќе биде статусот на иницијативата по постигнатиот договор меѓу Турција и Русија. Хачисон исто така не знае дали по повлекувањето на американските трупи од регионот, нејзината земја би била дел од друга операција. САД минатата недела беа критикувани во НАТО поради тоа што со одлуката да ги повлече американските војници од северна Сирија, претседателот Доналд Трамп го отвори патот за инвазијата на Турција.