1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија го прекршува меѓународното право на Крим

К. Игнаци / Б. Георгиевски10 март 2014

Вооружени лица го контролираат Крим. Политичарите и правните експерти ја обвинуваат Русија дека го прекршува меѓународното право. Москва инсистира дека не прекршила ниту едно правило.

https://p.dw.com/p/1BMch
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Она што Русија го прави во Крим е прекршување на меѓународното право“, изјави Жан Клод Јункер во интервју за Германското радио деновиве. Поранешниот премиер на Луксембург и кандидат на конзервативците за иден претседател на Европската комисија, воопшто не се воздржуваше по ова прашање. „Ова претставува непочитување на обврските кои руското раководство ги презеде во 1990. година во однос на Украина и Крим“, вели Јункер.

Со тоа се согласува и германската канцеларка Ангела Меркел. Нејзиниот портпарол Георг Штрајтер потврди дека за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател, Меркел го обвинила Путин дека „спроведува неприфатлива руска интервенција во Крим“.

Повелбата на ОН, која претставува дел од меѓународното право, им забранува на земјите да водат агресивни војни. Но, Русија е убедена дека нејзината интервенција не е нарушување на законот. Путин го оправдува испраќањето војска во Крим со загрозеноста на неговите сонародници таму.

Професорот по меѓународно право на Универзитетот во Бон, Штефан Талмон, смета дека Путин не е во право. „Не постојат услови, согласно меѓународното право, кои овозможуваат да се испраќаат вооружени трупи во друга земја за да се заштитат делови од население“, вели Талмон. Ова, според професорот, значи дека територијалниот интегритет и политичката независност на една земја имаат предност пред заштитата на населението. Без дозвола од Советот за безбедност на ОН, дури ни најтешките злосторства и геноцид не се доволна причина за интервенција во друга држава“, вели Талмон.

Professor Stefan Talmon
Штефан ТалмонФотографија: Privat

Испраќањето на трупите ќе биде во согласност со меѓународното право, само доколку Украина тоа го побара од Русија. „Влада во егзил исто така може да побара такво нешто, а поранешниот претседател Јанукович во моментов е во Русија“, забележува Талмон.

Експертите предупредуваат дека аргументите на Русија во случајот се контрадикторни. Од една страна, амбасадорот во ОН Виталиј Чуркин тврди дека Јанукович „побарал да се вратат редот и мирот“. Не можете од една страна да тврдите дека „нема руски трупи на Крим“, а во истовреме и дека „Руските трупи таму биле поканети“, велат експертите.

Незаконски референдум

Експертот за уставно право Ото Лухтенхант за ДВ вели дека и планираниот референдум за отцепување на Крим е неуставен и дека само дополнително ќе ги разгори страстите. Членот 73 од украинскиот Устав јасно прецизира дека прашањето за територијалниот интегритет на Украина може да бида одлучен само на референдум за кој ќе гласа целото население“, вели тој.

Според Талмон, каква било објава на независност на Крим ќе биде неважечка согласно меѓународното право. „Многу малку земји ќе бидат подготвени да го признаат Крим како дел од Русија“, вели Талмонд, објаснувајќи дека декларацијата за независност на Северен Кипар довела до слична ситуација. Кога овој регион се одвои од Кипар во 1983 година, беше окупиран од турски војници. До денес, само Турција и ја признава неговата независност.

Ukraine Russland Krim-Krise 05.03.2014
Фотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Талмон гледа паралели и со интервенцијата на НАТО во Косово во 1999 година. „Западот тогаш го прекрши меѓународното право и руското однесување денес е слично“. „Шест години откако прогласи независност, Република Косово е признаена од 100 држави, а 90 не ја признаваат“.

Она што ги разликува двата случаи, е што Косово прогласи независност девет години по интервенцијата на НАТО, а во меѓувреме регионот беше под администрација на ОН. „Сличен процес сега треба да се случи во само неколку дена, и тоа во присуство на руските трупи“, вели Талмон.