Рио – кој ќе го плати цехот?
4 август 2016Само уште невремето му фалеше на Рио, што го снајде градот домаќин на олимпијадата ноќта спроти недела и ја урна постројката за натпреварите во едрење. Организаторите имаат само пет дена време за да ја поправат штетата. Но кој ќе плати за поправката? На неколку дена пред почетокот на Олимписките игри во Рио (од 5. до 21. август) повторно се распламте спорот за трошоците на организацијата на светскиот спортски настан.
Германски стандард не е неопходен
„Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ќе мора да смисли нешто како во иднина да го промени концептот и за кандидатура за олимпијадата да се најдат најмалку три или четири градови во светот во кои мнозинство од населението е за игрите“, вели Волфганг Мених, спортски економист. МОК и неговите барања ќе мораат да се прилагодат на условите во земјите домаќини, смета тој.
Мених е добро упатен во проблематиката. Тој е олимписки првак во веслање на олимпијадата во 1988. во Сеул, а потоа ги поддржуваше германските градови Минхен, Лајпциг и Берлин во кандидатурата за организација на ОИ. Спортскиот економист од универзитетот во Хамбург ќе учествува на повеќе подиумски дискусии во Рио за идното финансирање на олимпијадите.
„Голема задача на МОК ќе биде во иднина да покаже многу поголема флексибилност во врска со барањата за спортските објекти“, уверен е тој. Тоа се однесува како на бројката на гледачи, така и на безбедносните стандарди. „МОК бара сe` да е според швајцарски или германски стандард, но тоа не е како што остатокот на светот би сакал да гради“, вели Мених.
Товар за даночните обврзници
Организацијата на олимпијадата во Рио чини околу десет милијарди евра. Спорот околу трошоците не се однесува на сумата, туку на нејзината распределба на приватни и јавни средства. Според официјални наводи, 57 проценти ќе ги покријат приватни инвеститори.
Сметката на критичарите, пак, е поинаква. Според нив, од јавни средства се покриваат 63 проценти од трошоците, а само 37 проценти од приватни извори. МОК во своите сметки не ги зема предвид даночните олеснувања и противуслуги кај јавно-приватните партнерства, велат тие.
Непредвидливи трошоци, како поправки на спортските борилишта или сузбивањето на вирусот зика, не се земени предвид во нормалниот буџет. „Ќе му помогнеме на локалниот организационен комитет во случај на финансиски теснец. Ќе сториме се` за да гарантираме успешни игри“, изјави Томас Бах, претседател на МОК, пред печатот во Рио.
Загуби се забранети
Според договорот, МОК финансира нешто повеќе од половина од трошоците на локалниот организационен комитет. За финансиски да му помогне на комитетот во Рио, Бах најави дека поради актуелната состојба би можеле предвремено да бидат префрлени планираните 500 милиони евра.
Сепак, исклучено е дека олимпијадата може да заврши со минус на сметката на МОК. Оти и МОК, исто како ФИФА (светската фудбалска федерација), бара гаранции од владата на земјата организатор дека ќе ги покрие сите дефицити.
Спортскиот економист Мених смета дека токму во тој пункт мора нешто да се промени. За повторно да заживе интересирањето на градовите за организација на олимпијади, МОК мора не само да ги намали своие барања, туку и да го повиши својот удел во трошоците на локалните организациони комитети.
Олимпијадата го заживува локалното стопанство
„Стигнавме до точка во која може да се постави прашањето дали не би имало смисла МОК да каже `ние ќе ви го финансираме стадионот за 20 000 гледачи, од кој имате потреба. Тоа е наш подарок за градот организатор`. Според мене, тоа би морало да биде можно“, вели Мениг.
Жителите на Рио веќе добија еден подарок врз основа на олимпијадата. Според студијата на тамошниот истражувачки институт „Фондација Жетулио Варгас“, приходот по глава на жител помеѓу 2008. и 2016. година пораснал за 30 проценти – од околу 415 на 541 евро месечно. Во останатиот дел од земјата стапката на пораст изнесува 19,6 проценти. „Олимпијадата го одржува замавот на стопанството во Рио“, вели Марсело Нери од „Фондацијата Варгас“. Во околните 18 општини приходот стагнира поради економската криза во Бразил, а во Рио продолжува да расте.
Мотивација за Рим, Париз, Будимпешта или Лос Анџелес да се кандидираат за игрите во 2024. година? Тоа очигледно не беше случај со Хамбург, чии граѓани на референдум се изјаснија против кандидатура за олимпијада.