1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решенија или ризици за Македонија од самитот во Прага?

Катерина Блажевска15 февруари 2016

Во Македонија не се зборува за ризиците за земјата од решенијата на денешниот самит во Прага, со оглед дека активностите на Вишеградската група не се дел од усогласена европска политика за бегалската криза.

https://p.dw.com/p/1HvRr
Фотографија: DW/P. Zafiropoulos

Сериозен ризик за Бугарија се крие во средбата на Вишеградската четворка, го предупредија бугарски политичари нивниот премиер Бојко Борисов, кој денеска ќе присуствува на вонредниот Самит на земјите од Вишеградската група во Прага, посветена на предизвиците од мигрантската и бегалската криза и начините за справување со неа. Вишеградската група (В4) во која учествуваат Чешка, Словачка, Полска и Унгарија, денеска воедно ќе одбележи и 25 години од нејзиното основање. На самитот ќе присуствува и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој ќе се обрати на пленарната сесија и ќе присуствува на работната вечера. Во Македонија воопшто не се зборува за ризиците што може да произлезат за земјата од решенијата на самитот во Прага, со оглед дека активностите на В4 засега не се дел од усогласена европска политика кон бегалската криза.

Ризично учество на самитот

За разлика од молкот во Скопје, во Софија алармот е кренат на високо ниво.

„На самитот треба да бидат разгледани мерки за зајакнување на граничните контроли на Балканот, вклучително и во Бугарија и Македонија, со цел запирање на бегалскиот поток кон Европа. Ако нашето присуство таму не се ограничи само на набљудувачки и информативни функции, премногу е ризично и може да ни наштети“, предупреди бугарскиот европратеник Светослав Малинов.
Во бугарската јавност не се гледа благонаклоно на идејата за создавање нова „резервна европска заштитна линија“ по северните граници на Грција со Бугарија и Македонија, со цел да се запре протокот на мигранти по балканската рута, а која практично значи поместување на надворешната граница на ЕУ кон Централна Европа.

Според европратеникот Малинов, „Бугарија не смее да презема никакви обврски со учеството на средбата во овој формат“, пренесе бугарскиот весник „Труд“. Весникот се повикува и на информацијата објавена од Ројтерс, во која се цитира писмото на двајцата највлијателни социјалдемократи во коалициската влада во Берлин - вицеканцеларот Зигмар Габриел и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, испратено до владите на земјите од В4, како и до лидерите на европската левица: „Ваквите мерки треба да бидат договарани заедно, а не да се преземаат еднострано против некои од земјите-членки“.

Слична порака дојде и по вчерашната средба во Скопје меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Кралството Холандија, Никола Попоски и Берт Кундерс.
„Одредени земји-членки ја поттикнуваат Македонија да ја затвори својата граница со Грција. Но, како што заедно заклучивме, многу е важно да продолжиме со европскиот процес на соработка по ова прашање. Многу е поважно да имаме делотворна контрола на границата отколку таа да се затвори“, нагласи Кундерс и нагласи дека на претстојниот Самит на ЕУ ќе се разговара како може да се избегнат еднострани одлуки.

Ставот со кој македонскиот претседател замина на самитот во Прага, а беше соопштен на меѓународната конференција за безбедност во Минхен, е дека „Македонија нема да се претвори во семафор за мигрантите“.

„Нема да ја преземаме одговорноста сами да одлучуваме кого да испраќаме и кого не од мигрантите и бегалците“, изјави Иванов.

Mazedonien baut zweiten Zaun an der Grenze zu Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Македонија на две столчиња

Но, во моментов Макдонија е во многу компликувана позиција. Од една страна, сака да ја следи европската политика по прашањето за решавање на бегалската криза, (која досега не е усогласена), а влегува и во разговори за парцијални решенија какви што навестува самитот на В4, што може да создаде одредена конфузија во пораките што ги рефлектира Македонија.

Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност и поранешен директор на МАРРИ центарот (Migration, Asylum, Refugees Regional Initiative), смета дека двата приода кои се профилираат од земји членки на ЕУ во однос на справувањето со бегалската криза, ја прават позицијата на Македонија многу чувствителна.

„Продолжува иницијативата на земјите обединети во В4 и Австрија за издвоени мерки кои ќе се спроведуваат почнувајќи од јужната граница на Македонија и во кои засега симболично партиципираат со полициски службеници и мобилна опрема. Од друга страна, пораките од Претседавачот на ЕУ пренесени преку шефот на холандската дипломатија, ја изразувааат позицијата на ЕУ во овој момент за тоа прашање во регионот. Во недостиг на многу одговори, останува да се види дали поддршката на ЕУ ќе биде соодветна на предизвиците со кои се соочува Република Македонија“, вели Стојановски.

Тој посочува дека бранот со бегалци и мигранти продолжува со несмален интензитет кон север, а со затоплувањето на времето веројатно ќе се зголемува. „Европските држави кои досега беа отворени за прифаќање на бегалците, вложуваат многу напори во барање начин за справување со состојбата, но со малку успех. Некои од нив, како Австрија, ги кажа условите и бројот на лица кои може да ги примат, а потоа ќе го спречат доаѓањето на нови лица. Оваа мерка, кога ќе почне да се применува, ќе се почуствува и во земјите кои се на рутата по која минува бранот бегалци и мигранти. Владините претставници уверуваат дека се разгледани повеќе можни сценарија и истакнуваат разбирливи пораки за одлуките кои ќе се преземаат, иако случувањата со миграцискиот бран се значајно непредвидливи“. предупредува Стојановски.

Домино - ефектот почнува?

На таа непредвидливост земјите во регионот веќе почнаа да одговараат со предвидливи мерки. Словенија, исто како и Австрија, реши да ја заостри политиката кон мигрантите за што веќе ја информирала првата соседка - Хрватска. Како што соопшти словенечкото МВР, за влез на мигранти во земјата повеќе нема да биде доволна „само изјавата дека сакаат да побараат меѓународна заштита во Австрија и Германија“. Хрватска го примила тоа известување и им го пренела и на другите две држави на балканската рута - Србија и Македонија.

Mazedonisch-griechische Grenze Kinder auf der Balkanroute
Фотографија: DW/N. Rujević

„Нашата опција е ефикасно да соработуваме со Словенија, Србија, Македонија, Грција, Австрија и Германија. Но, ако Австрија ги затвори границите за бегалците, тоа ќе го направи и Словенија, а тогаш ќе мора и Хрватска“, изјави синоќа хрватскиот министер за надворешни работи, Миро Ковач, за телевизијата РТЛ.

„Во таков случај и Србија би била принудена едноставно да ги затвори границите, бидејќи нема можност толкав број на луѓе да останат во Србија“, изјави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, и повика на единствен пристап на ЕУ кон бегалската криза. Два дена претходно, Дачиќ соопшти дека австрискиот колега Себастијан Курц го информирал за намерите на властите во Виена, на 24-ти февруари да свикаат вонредна средба на министрите за надворешни и внатрешни работи од земјите на балканската рута на мигрантите. Тогаш, според Дачиќ, се очекува да започнат и првите проблеми од затворањето на австриската граница, како и последиците за земјите на балканскиот пат.

Во македонското МВР засега не ги коментираат стравувањата дека за десетина дена евентуален домино-ефектот може да ја доведе Македонија во незавидна ситуација. Засега сите се во очекување на брзо усогласување на европската политика кон бегалската криза, со мерки кои нема да ја доведат во прашање ни безбедноста, ни хуманоста. Нема одговор со какви решенија ќе се одговори на ризикот кој е веќе пред „вратата“ - фактот дека бегалскиот бран надоаѓа многу побрзо од мерките за справување со него.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема