1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој победи, четниците или партизаните?

Ивица Петровиќ/сн14 мај 2015

По девет години судски процес и бројни полемики во српската јавност во Белград е рехабилитиран Дража Михајловиќ. Дали оваа одлука воено претставува и ревизија на Втората светска војна?

https://p.dw.com/p/1FPkl
Фотографија: public domain

Вишиот суд во Белград го рехабилитираше командантот на Кралската војска за татковината, генералот Драгољуб Дража Михајловиќ и му ги поврати граѓанските права, кои му беа одземени во политичко--идеолошки обоениот судски процес во комунистичкиот режим во 1946. година. Судијата Александар Трешњев, објаснувајжи ја одлуката, рече дека судот го усвоил барањето за рехабилитација и ја поништил пресудата со која Михајловиќ на 15 јули 1946. година беше осуден на смрт а два дена подоцна беше стрелан. Трешњев рече дека пресудата на Врховниот суд на тогашна Федеративна Народна Република Југославија во делот кој се однесува на Михајловиќ е прогласена за ништовна, со што ништовни се сите нејзини правни последици, па и оние кои се однесуваат на имотот. „Драгољуб Михајлович се смета за неосудуван“, рече судијата, добивајжи притоа бурен аплауз и поздрави од присутните.

Со предлогот за рехабилитација се бараше поништување на пресудата од 1946. со која Михајловиќ беше осуден на стрелање поради колаборација со нацистичките окупатори и му беа одземени сите граѓански права. Првото барање за рехабилитација го поднесе неговиот внук Војислав Михајловиќ во 2006. година, а подоцна му се придружија и неколку здруженија и партии.

Подносителите на барањето тврдеа дека на Михајловиќ не му било овозможено право на одбрана и оти немал право на непристрасен суд. Михајловиќ беше стрелан во Белград. Сегашната судска одлука е конечна, без право на жалба со оглед дека немаше страна која му се спротистави на барањето за рехабилитација.

Процесот траеше девет години и предизвика многу полемики во српската јавност, ама и бројни вербални и физички инциденти за време на судскиот процес. Застапниците на рехабилитацијата тврдеа дека Михајловиќ е првиот кој ѝ се спротиставил на нацистичката окупација и оти истотака бил првиот кој и‘ пружал отпор на повоената комунистичка диктатура. Противниците на рехабилитацијата, од друга страна, наведуваа дела рехабилитацијата на тој воен злосторник не значи само недопустливо нормализирање на една исклучително негативна историска личност, туку означува и севкупна рехабилитација на злосторничката идеологија и практика на равногорското четничко движење.

Ревизија на Втората светска војна?

Одлуката е на некој начин очекувана, бидејќи очигледно е дека претседателот на Србија Томислав Николиќ и неговите советници ја истуркаа ваквата пресуда“, оценува за ДВ Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија. „И тоа е крај на еден процес кој всушност води кон ревизија на Втората светска војна, така што Србија се одрече од сѐ што беше некаква европска вредност- мислам притоа на антифашизмот и на таа традиција кои сега се целосно поништени. Она што всушност ме загрижува е што Европа не реагираше на тоа, а ние обрнувавме големо внимание на тоа. Во Србија пресудата ќе предизвика доста реакции, пред сѐ на муслиманите и другите кои беа на удар на четничките одмазди за време на војната, ама и на самите Срби. Тука постои и многу длабокото сеќавање на злосторствата против Србите кои имале поинакви уверување. А тоа нормално ќе има одек и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, бидејќи војните од 1990-те беа водени под четничките знамиња и тоа дополнително ќе ги закомпликува односите во регионот“, вели Бисерко

Историчарот и претседател на Напредниот клуб, Чедомир Антиќ за ДВ истакнува дека судската одлука за рехабилитација на Дража Михајловиќ е очекувана, бидејќи станува збор за ревизија на судски процес од 1946. година кој бил сталинистички процес на еден тоталитарен режим. Со оглед дека за време на актуелниот процес често се слушаа забелешки дека не станува збор за процес за рехабилитација туку за процес за судски процес, а не за вината на Дража Михајловиќ, Чедомир Антиќ истакнува дека историјата одамна пресудила за тоа:

„Драгољуб Михајловиќ е еден од првите борци против нацизмот во окупирана Европа. Тој предводеше едно ројалистичко движење кое се бореше за обнова на Кралството Југославија, Тоа движење, се разбира, беше дете на своето време. Во една тотална војна тие се бореле како една нерегуларна формација, високо нецентрализирана. Меѓутоа идеите дека тој бил профашистички настроен и оти соработувал со окупаторот едноставно не се точни. И во политички смисол тие никогаш не биле поддржани од три од четирите големи припаднички на сојузничката коалиција, значи од САД чиј претседател Хари Труман уште во 1948. години го одликуваше Михајловиќ со највисоко одликување, како и од страна на Велика Британија и на Франција“, вели Антиќ.