1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум? Ердоган ѝ се нафрли на ЕУ

СН/дв/ртр/дпа23 јуни 2016

Ќе има ли по референдумот во Велика Британија, народно изјаснување за ЕУ и во Турцијa? Претседателот Ердоган размислува за таков референдум, иако неговата земја воопшто не е земја-членка на ЕУ. Заканувачка постапка?

https://p.dw.com/p/1JBjo
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека постои можност во Турција да биде организиран референдум за продолжување на процесот за пристапување во ЕУ, по моделот на денешниот референдум за членството на Велика Британија во Унијата.

„Постои можност граѓаните да се изјаснат за продолжување на процесот Турција да стане членка на ЕУ, како што Британците се изјаснуваат за останувањето или излегувањето на нивната земја од Унијата“, рече Ердоган во синоќешниот говор, кој го пренесе ангенцијата Анадолија.

Тој додаде оти референдумското прашање во тој случај би гласело: „Дали Турција треба да ги продолжи преговорите со ЕУ или не?“ и оцени дека ЕУ не ја сака Турција во своите редови бидејќи мнозински е муслиманска земја.

Во октомври 2005. година започнаа официјалните преговори со Унијата, но тој процес е забавен со бројни проблеми и недостаток на волја на клучните земји во ЕУ, Турција да ја примат во членство.

Cameron in TV Sendung: sieht keinen EU-Beitritt der Türkei
Фотографија: Getty Images/Sky News/Pool/C. Lobina

Некои европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Дејвид Камерон и германската канцеларка Ангела Меркел, во повеќе наврати повторија дека влегувањето на Турција во Унијата „не е на дневен ред“ и оти во преговорите со неа постојат многу „отворени прашања“, а претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја исклучи можноста за проширување на ЕУ до 2020. година.

Можноста за пристапување на Турција кон ЕУ беше една од важните теми на кампањата пред британскиот референдум, со која симпатизерите на брегзит ги заплашуваа избирачите.

Симпатизерите на брегзит предупредуваа дека Велика Британија е во опасност да биде преплавена од милиони Турци во случај на зачленување на земјата во Унијата.

Камерон неодамна предизвика бурни реакции во Анкара со изјавата оти влезот на Турција во ЕУ нема да биде можен „пред 3000. година“. Најавите на Ердоган за можен референдум уследија непосредно пред отворањето на новото преговарачко поглавје помеѓу ЕУ и Турција на 30. јуни, кое се однесува на буџетски прашања од договорот ЕУ-Турција за решавање на бегалската криза, постигнат во март годинава.