Атмосферата демократска, излезноста 22,56 отсто до 15 часот
30 септември 2018Излезноста на рефрендумот до 15 часот била 22,56 отсто, односно правото на глас го искористиле 334.075 избирачи, соопшти претседателот на ДИК. Тој им се заблагодари на сите кои придонеле за мирна атмосфера на денот на гласањето, и ги искритикува оние кои со неколку инциденти ја поматиле сликата за генерално мирниот и регуларен процес. Тој потенцираше дека околу 90 отсто од приговорите доставени до ДИК се однесувале на забелешки на граѓаните дека ги нема во Избирачкиот список, но најголемиот број приговори биле отфрлени. Претходно од ДИК соопштија дека член на избирачки одбор во Чаир денеска бил повлечен затоа што агитирал на самото избирачко место. На неговото место е поставен нов член, по што гласањето продолжило.
„Не знам за што и како агитирал, само знам дека тоа што го правел е строго забрането согласно законот. Повикана е избирачка комисија и како што е пропишано е извршена неговата замена“, изјави Деркоски.
Според него, во целина нема посериозни нарушувања на текот на гласањето.
МВР попладнево соопшти дека на избирачко место 2539/1 во ОУ „Његош“ во Колонија, било пријавено дека М.С. (55) го фотографирал своето гласачко ливче, за што бил известен јавен обвинител. Во СВР Тетово набљудувач од невладина организација пријавил дека наспроти ОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар повеќе лица вршеле неовластено снимање и фотографирање на гласачи. За настанот известен е јавен обвинител, а две лица биле приведени во врска со овој случај. Во Кочани полицијата добила пријава дека пред гласачко место бр. 852 пред Домот на културата, граѓанин бил навредуван од страна на непознато лице бидејќи одел да гласа. По преземени мерки, лицето било повикано на разговор.
Грешки во процедурата
Пријави на нерегуларности стигнуваат и од набљудувачите, а најголем е бројот на пријавени случаи за грешки во процедурата и незаконито постапување во избирачките места. Набљудувачите на „Цивил“ до пладне регистрирале дека расте бројот на случаи во кои набљудувачи се однесувале некоректно и спротивно на Кодексот за набљудување, како и бројот на гласачи кои не можат да се најдат на Избирачкиот список. Во Гази Баба, на гласачко место во ОУ ,,25 Мај“ граѓани ги немало на избирачки список иако на минатите избори гласале таму. На избирачкото место 2.634 во ОУ „Лазо Трповски“ во Општина Карпош, на неколку граѓани не им било дозволено да гласаат затоа што УВ ламбата не работела. Иако гласачите инсистирале да гласаат, тоа не им било овозможено. По кратката расправија, граѓаните револтирани заминале од избирачкото место, без да го остварат своето право на глас.
„Неприфатливо е, поради грешка на изборната администрација, да им се ускратува правото на глас на граѓаните. Ги повикуваме граѓаните да инсистираат на остварување на нивното право на глас. Изборната администрација има обврска да обезбеди услови за гласање!“, велат од „Цивил“.
Од таму потенцираат дека кршењето на процедурата при гласањето може да придонесе кон повреда на гласачкото право. Гласач на избирачкото место 2.255/1 во Штип, бил прснат со спреј на палецот, а дури потоа било утврдено дека не е на тој избирачки список.
Повеќе:
Гласањето тече мирно, излезноста од час на час расте
Почна гласањето на историскиот референдум за Македонија
„Сега тој не може да гласа на друго ибирачко место, без оглед на тоа дали ќе се најде на Избирачкиот список“, се вели во извештајот на набљудувачот. Истото ѝ се случило и на една граѓанка во училиштето „Братство“, во Тафталиџе 2, на избирачкото место 2.614, која била прсната со спреј уште пред да ја најдат на Избирачкиот список, а потоа откриле дека ја нема и ја пратиле на друго избирачко место. Забележано е и дека набљудувач од одредена организација на ИМ 635 во општина Демир Хисар, со список пред избирачкото место ги евидентира гласачите, ги пресретнува и ги прашува дали и како гласале. На самото место бил присутен и полицаец кој не реагирал на таквото однесување, а од „Цивил“ соопштуваат дека го имаат името и презимето на набљудувачот. Слична ситуација била регистрирана и во гимназијата „Коста Сусинов“ во Општина Радовиш, каде што пред избиерачкото место 1.580 стоеле две лица без никакви ознаки и акредитиви и ги запишувале гласачите. Од „Цивил“ нотираат и дека хрватскиот Јутуб канал „Логично“ имал пренос во живо од избирачко место во Струмица, со коментар што претставува пропаганда и кршење на изборниот молк.
„Ова е противзаконито и е работа на полицијата“, велат од „Цивил“.
Лажни смс-пораки
Но, тоа не е се. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино ги предупреди своите членови дека се шират лажни СМС- пораки со повик да излезат да гласаат на референдумот. Иако на пораките била потпишана партијата, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е злоупотребени партискиот потпис и случајот го пријавиле до надлежните институции.
Членството на ВМРО-ДПМНЕ денес видливо апстинира од гласање, но не сите. Поранешниот партискин функционер и министер за здравство, Никола Тодоров, како и пратеникот Крсто Јовановски гласаа на референдумот, како што тоа претходно го сторија и пратенците Драган Данев и Даниела Рангелова, како и партискиот потпретседател Митко Јанчев. Но другиот потпретседател, Александар Николоски во изјава за телевизија Алфа потврдил дека нема да гласа на референдумот, а тоа за други медиуми го најавил и Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.