Референдумот во Турција нема штетно зрачење за Македонија
18 април 2017„Парламентарната демократија во Турција која траеше речиси стотина години и преживеа и војни и државни удари, сега е уништена“... „Тоа не е реформа на уставот, туку државен удар и претворање на Турција во држава на еден човек“. Ова се дел од оценките во европски медиуми по резултатите од референдумот за уставни промени во Турција (со поддршка од 51,4 отсто), со кои претседателот добива зголемени надлежности, што може да обезбеди негова политичка „долговечност“. Тамошните медиуми веќе прогнозираат два нови мандата на Реџеп Таип Ердоган, со што тој би бил на власт и од 2019 до 2029 година. Се стравува дека со укинувањето на функцијата премиер, со намалувањето на овластувањата на парламентот, со отсуство на контролни механизми врз власта и со нејзиното зголемено влијание врз судството, земјата би добила претседателски систем далеку од демократски стандарди. Набљудувачката мисија на ОБСЕ оцени дека референдумот во Турција не е реализиран во согласност со меѓународните стандарди и даде повеќе забелешки на процесот, но турските власти ги отфрлија ваквите забелешки, а опозицијата протестира против резултатите и бара да не се признаат над милион гласачки ливчиња кои немаат официјален печат.
Нема домино-ефект
„Државата на Ердоган ја уништи републиката на Ататурк“ е еден од насловите во европските весници. Како се анализираат овие претстојни уставни промени, во Македонија - земјата каде средно училиште завршил таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, и чии семејни корени по таткова линија потекнуваат од селото Коџаџик во дебарско.
„Мотивите на референдумот официјално се примарно внатрешнополитички, а делумно и надворешнополитички“, вели професорот и пратеник, Ферид Мухиќ, и го потенцира политичкиот контекст.
„Во првата група мотиви се решавањето на одредени проблеми содржани во сегашниот Устав донесен 1982, со чии измени треба да се овозможи модернизација на административниот апарат, стабилност на политичкиот систем, продоложување на економскиот раст (Турција е 18 економска сила во светот и планира тоа место во најмала рака да га задржи), како и решавање на курдското прашање. Во втората група мотивите се редефиниција на досегашниот инфериорен однос на Турција кон ЕУ и САД, односно, пасивен и реактивен, наместо проактивен однос кон сопствената надворешнополитичка стратегија“, наведува Мухиќ.
Со оглед на тесниот резултат, тој смета дека референдумот го наметнува во преден план прашањето на внатрешнополитичкиот консенсус. Иако претседателот Ердоган може оптимистички да го толкува референдумот како 'зелена карта' и добивање мандат за неговата досегашна политика и во внатрешните и во надворешните политички односи, нема сомнение дека добил силна карта за продолжување на неговата стратегиска опција, која ќе резултира со сериозна измена на традиционалната интеракција на Турција со светските супер сили, како и со поинаков регионален статус.
Прашањето на кое сега се бара одговор, е дали огромната апсорпција на надлежностите во рацете на претседателот, ќе има силен домино-ефект во регионот. Мухиќ вели дека не само што не верува во теоријата на „домино ефект“ во општествената сфера, туку ја смета и за еден вид идеолошка маска за прикривање на претходно подготвените сценарија.
„Секоја промена во општествените односи, па така и во меѓународните, се функција на интереси и мотиви на луѓето како актери, значи на свесни суштества, а не на физички објекти (домини) кои се туркаат во целата низа откако ќе се турне првата во низата, според законите на механиката, на кои се повикува теоријата на домино-ефект. Не мислам дека референдумот во Турција нужно ќе произведе каков било, особено не силен домино-ефект. Секоја држава има и одговорност и можност да ги гради сопствените демократски односи според сопствени стандарди. Појавата на авторитарни и тоталитарни режими може да биде стимуланс за авторитарни амбиции во соседните држави, но тие никогаш не се и алиби за нивното воведување по некаков механичко-детерминистички автоматизам“, смета Мухиќ.
Различни аршини
Толкувањата низ кои се градат стравувањата од големите надлежности на турскиот претседател, најчесто се фокусираат на ставот дека се работи за креирање недомократски тип на претседателски систем. Има ли двојни аршини при изградбата на ваквите оценки?
„Дека Ердоган не е тип на либерално-демократски политичар, јасно е, но јасно е и дека антитурската хистерија и демонизацијата на Ердоган сѐ повеќе е рефлексија на промената на клиентелистичкиот однос кој ЕУ и САД досега го имале кон Турција, отколку реално засновани стравувања. Имено, претседателскиот систем е реалност во САД, со практично исти овластувања какви што ќе ги добие и Ердоган. Згора на тоа и евентуалното воведување смртна казна, (кое, според експлицитната реакција од ЕУ, ќе значи крај на преговорите на Турција за членство во ЕУ), е непринципиелен идеолошки притисок, со оглед на одличните односи кои ЕУ ги има со САД, држава во која смртната казна сѐ уште е на сила“, потенцира Мухиќ.
Според него, со воведување претседателски систем во Турција принципот на дисперзија на власта битно ќе биде редуциран, а треба да се очекува централизација на политичкиот систем и политичката практика, особено во зголемена концентрација на контролата врз извршната власт, како и врз судството, особено во највисоките инстанци.
„Кога ова ќе се сумира, нема основа за оценката дека ваквиот исход на референдумот претставува 'тонење во диктатура' на Турција. Имено, претседателскиот систем не води нужно кон идентични модели на политичка реалност, иако има исти правни постулати. За илустрација, и САД, и Франција, и Русија, се држави со претседателски политички систем, но нивните политички практики битно се разликуваат. Како ќе функционира овој систем во Турција, во голема мера зависи од перформансите кои ќе му го даде личноста на претседателот Ердоган“, оценува Мухиќ.
Добри односи со Македонија
Потпирајќи ги своите активности на трите столба на билатералните односи - соработка во економијата, културата и политиката, Турција е исклучително присутна во регионот. Дел од политиколозите тоа го дефинираа како „неоотоманизам“, давајќи му различни епитети - економски, културен или политички, зависно на што е ставен акцентот. Во изминатите години меѓу Турција и Македонија приоритет беа економските односи. Трговската размена која во 2000 година изнесуваше 50 милиони долари, до денес е десеткратно зголемена, а турските инвестиции во Македонија до 2014 година достигнаа 1,5 милијарди долари. Меѓу најголемите турски инвестиции во Македонија се сметаат оние на компанијата „Џеваир холдинг“ која гради неколку облакодери во Скопје, инвестицијата на „ТАВ“ во скопскиот аеродром, влезот на „Халк банка“, но и други. Како новите тенденции во Турција ќе се одразат врз севкупните односи меѓу Анкара и Скопје, со оглед дека интенцијата на граѓаните е да градат демократски вредности, против каква било узурпација на моќта од една личност или политичка врхушка?
„Уверен сум дека во тој поглед не само што не треба да се стравува од јакнење на тоталитарни тенденции, туку дека не треба да се очекуваат практично никакви промени. Градењето на демократски вредности и воспоставувањето на демократски стандарди во Република Македонија е процес врз кој референдумот на Турција не може да има никаков негативен ефект. Ако се има предвид дека Турција своите приоритети ги има во редефинирање на односот со големите сили, јасно е дека нејзиниот интерес е максимално да ја сочува стабилноста во регионот, што значи и на Балканот, при што на врвот од нивните стратегиски проекции се пријателските релации со Македонија, кои Турција ги негува од осамостојувањето на Република Македонија до денес, а кои секако ќе продложат во иднина“, вели Мухиќ.
Стратегиско партнерство
Соработката меѓу Турција и Македонија засега не заостанува ниту во други сфери. Историјата, културното наследство, традицијата, добија видлива ставка во градењето врски во културата, образованието, туризмот...Во март годинава, на свеченост по повод годишнината од завршувањето на средното воено образование на Мустафа Кемал Ататурк, беше промовирана публикацијата „Турско-македонските односи низ историјата“, заеднички проект на двете министерства за одбрана започнат во 2010 година. На повеќе од 600 страници, во два тома и на три јазика - македонски, турски и англиски, се сместени научни трудови на 14 професори од двете земји, кои се однесуваат на развојот на македонскиот идентитет, соработката помеѓу христијаните и муслиманите, османлиските реформски планови во Македонија, културното наследство во Македонија од османлискиот период, како и трудови кои се фокусираат на соработката во доменот на одбраната од 1991 година. Во таа пригода, министерот за одбрана Зоран Јолевски посочи дека заедничката историја дава многу примери врз кои се заснова и гради стратегиското партнерство помеѓу двете земји.
„Република Турција е земја која прва упати воено аташе во Република Македонија, прва потпиша Спогодба за соработка, прва прими офицери од Република Македонија на школување и прва помогна за опремување на Армијата на Република Македонија. Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ“, рече Јолевски.
По Бугарија, Турција беше втора земја што ја призна независна Република Македонија.