Република Српска - предизборна врева со трајни штети
27 септември 2016На 2 октомври во Босна и Херцеговина се одржуваат комунални избори. Со тоа всушност се‘ е објаснето. Зашто, во Република Српска, каде мнозинско население се Србите, економската и политичката ситуација се катастрофални. Претседателот на овој ентитет, Милорад Додик и неговата корумпирана, неспособна и арогантна политичка клика не можат да покажат никакви успеси. Многумина граѓани живеат во горчлива сиромаштија, невработеноста е драстично висока, речиси нема инфраструктура, а се‘ поголем број млади луѓе се иселуваат од земјата. За да ги подигне своите гласачи од безнадежната мизерија и да ги стави во состојба на национален, борбен и ирационален занес, тој посегнува по одамна испробаните и докажани омилени средства на популистите на Балкан: прво се прикажува драматична загрозеност на сопствената нација. Потоа соседните народи се прогласуваат за непријатели, што на Балканот за жал се‘уште функционира беспрекорно. И на крајот, големиот водач се инсценира себе си за спасител на загрозената нација. Премногу гласачи на Балкан радо учествуваат во вакви игрички и за неколку недели го забораваат своето мизерно секојдневие, исто како и бројните корупциски афери на самонаречениот спасител на нацијата. Овие механизми отсекогаш перфектно функционирале во БиХ, патем и кај другите нации во земјата.
Сериозна криза
Иако спорниот референдум во Република Српска со право се смета за предизборна врева и политички тетатар, тој е и останува еклатантно кршење на Уставот. Резултатот на гласањето: во РС, 9 јануари треба да остане национален празник, босанските Срби го слават денот на кој беше прогласена нивната Република, а за Бошњаците и Хрватите овој ден означува почеток на босанската војна.
Референдумот ја турка и онака нестабилната земја во тешка криза и го загрозува нејзиниот европски пат. Тоа што воопшто се одржа ова изјаснување, е огромен пораз за со многу странски пари поддржуваната правна држава во БиХ. Таа не можеше да го спречи референдумот. Но, поразот е уште пожесток за т.н меѓународна заедница, а првенствено за Високиот претставник на ЕУ во БиХ. Оваа улога моментно ја има австрискиот дипломат Валентин Инцко, кој е лице на несреќниот и безуспешен протекторат, зашто БиХ во моментов чисто формално се‘уште е тоа.
Двојно не значи секогаш подобро
Од Уставниот суд забранетиот, од ЕУ остро критикуваниот, а сепак одржан референдум е уште еден доказ дека двојните структури од домашни и меѓународни протагонисти не функционираат правилно и се немоќни и неефикасни. Зашто, апсолутно нужната правна држава очигледно не можат да ја гарантираат ниту домашните политичари, ни официјалните претставници на протекторатот. Тоа е веројатно најважното сознание по референдумот. Босна и Херцеговина останува проблематично дете во Југоисточна Европа, кое со оглед на геостратешката позиција, и во иднина може да и‘ задава повеќе од главоболки на ЕУ. Овде зачестено се судираат европските, руските и турските интереси. Не случајно Милорад Додик во Москва доби благослов за својот референдум од рускиот претседател и со таа поддршка целосно ги игнорираше предупредувањата од Брисел и Вашингтон.
Малата земја отсекогаш била стратешка топка за Србија и Хрватска како регионалнополитички протагонисти. Затоа, во моментов е дотолку поважно првенствено Србија и нејзиниот премиер Александар Вучиќ да покажат умереност и конструктивност. За сите засегнати има уште многу работа. Зашто, референдумот е мал чекор наназад за целиот регион и доказ дека Западен Балкан во секој момент може целосно да го заслужи епитетот и улогата на нестабилен и проблематичен заден двор на Европа.