1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Рајнхард Гриндел - претседател за кој никој нема да жали

Јоша Вебер
3 април 2019

Кога стапи на функцијата, изгледаше како способен дојденец, но Германскиот фудбалски сојуз го напушта како пропаднат губитник. Рајнхард Гриндел самиот придонесе за тоа, смета Јоша Вебер.

https://p.dw.com/p/3G9K9
Fußball Freundschaftsspiel Deutschland - Serbien | Reinhard Grindel, DFB-Präsident
Фотографија: Getty Images/Bongarts/A. Grimm

Добри намери не му недостасуваа. Рајнхард Гриндел на 15 април 2016 година, кусо откако го презеде претседателствувањето со Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) и тргна кон новинарите, ДВ беше првиот медиум за кого го даде првото интервју. Првото прашање упатено до новопечениот шеф беше каков претседател сака да биде. Гриндел одговори како и обично, комликувано и по малку политички. „Сигурно ќе се оди на тоа да се извлечат консеквенцiи од аферата со Светското првенство 2006, во согласност со тоа да се воспостави управа во која подобро ќе функционира контролниот механизам и која ќе се погрижи за транспарентност и отвореност.“ Транспарентност и отвореност - во светот на некогашните обвинувања за корупција против врвот на ДФБ, поради што Волфганг Нирзбах поднесе оставка, тоа беше важно ветување за љубителите на фудбалот во Германија. На крајот сепак сѐ се изјалови, бидејќи не се држеше до овие ветувања.

На 2 април сѐ се вртеше, додуша само површно, околу еден часовник. 6.000 евра вредниот подарок за рачниот зглоб на највисокиот претставник на германскиот фудбал сигурно нема никогаш да биде изложен во Дортмунд, во Музејот на фидбалот. Всушност штета, бидејќи тоа навистина би бил интересен и контроверзен експонат. Гриндел овој часовник го наведе како причина за својата оставка. „Се извинувам поради тоа што со својата малку непримерна постапка во врска со прифаќањето на еден часовник ги потврдив бројните предрасуди кои постојат кон лицата кои се ангажирани во фудбалот.“ Сеп Блатер оваа судбина го стигна поради милионските плаќања, Волфганг Нирзбах поради матните работи околу Светското првенство 2006, а Рајнхард Гриндел падна поради еден часовник? Не, тоа не е баш толку едноставно.

Го донесе Европското првенство во Германија, а остана неомилен

Прифаќањето на скапиот подарок, што Гриндел го означи како „љубезен гест“, секако беше онаа популарна капка која ја прели чашата. Гриндел во последните недели ја загуби поддршката од ДФБ, клубовите во Бундеслигата рака на срце никогаш не ги ни имал зад себе (со неговиот избор и вештиот маневар на професионалните здруженија кои ги преплавија дојденците од политиката), а за навивачите тој е секако фигура кон која немаа ниту малку симпатии. По овој претседател сигурно никој нема да жали.

Weber Joscha Kommentarbild
Јоша Вебер, автор на коментарот

Но, од друга страна, тоа е зачудувачки. Бидејќи, тоа што Гриндел успеа на ДФБ да му овозможи организирање на Европското првенство во фудбал 2024 е признание за секој спортски работник, и е такаречи автоматски поврзано со добивање симпатии. И фактот дека Гриндел со новите спонзорски договори во Сојузот, кој брои 7 милиони членови и е најголемиот спортски сојуз во светот, обезбеди подобра економска поддршка, не му донесе поддршка во германскиот фудбал. Зошто? Затоа што секогаш одново ги навредуваше луѓето.

Каде исчезна политичкиот инстинкт на Гриндел?

Сеедно дали стануваше збор за дијалогот со фановите, кога гледаше само во својот телефон, или за време на интерните консултации на кои дозволуваше да се чуе само неговото мислење - на Гриндел му недостасуваа клучните карактеристики кои тој како некогашен новинар и пратеник во Бундестагот, всушност, мораше да ги има: чувство за комуникација и политички инстинкт. Гриндел исто така предвремено му го продолжи договорот на селекторот на репрезентацијата Јоахим Лев, одвратно се однесуваше кон Месут Озил, а прими и 78 илјади евра надоместок за неколку седници како шеф на Надзорниот одбор на медиумите на ДФБ. Би било добро да биде посоветуван да се откаже и од своите функции во ФИФА и во УЕФА и да повлече јасна линија и наместо сето тоа, како што најави, да учествува во разјаснување на сопствената афера. Време е за транспарентност и отвореност.