Расте терористичката закана во Африка
27 јануари 2013Терористите беа добро подготвени и вооружени. Поседувале план на постројките за експлоатација на гас во Алменас, кој благодарение на инсајдерските информации детално го познавале.
„На почетокот сакавме да преговараме со терористите, се додека нивните барања не станаа неисполниви. Поради тоа се одлучивме за напад, објаснуваше алжирскиот премиер Абдумалек Селал.
Ослободувањето на заложниците беше многу рискантна мисија. Најмалку 37 загинаа. Се стравува дека бројот на жртвите е и повисок, бидејќи многу луѓе се уште не се идентификувани. Убиени беа и 32. терористи, додека останатите беа уапсени. Акцијата, според Селал, била јасна порака дека земјата е способна да се бори со тероризмот.
Со таквата оценка се согласува и Рашид Оуаис, политолог од Универзитетот во Марбург.
„Алжир од оваа ситуација излегува зајакнат и кога е во прашање борбата против тероризмот презема водечка улога во регионот. Демонстрацијата на сила во Алменас го претстави Алжир како релевантен партнер на Западот. Во државите како Чад, Мали, Нигер, а веројатно и Мавританија, ќе дојде до една немирна фаза, а потоа и до реструктуирање, а можеби и до промени во уредувањето. Големите сили како САД и европските земји, Кина, и регионалните сили како Катар и Саудиска Арабија сакаат да го обезбедат своето влијание во ова несигурно подрачје“.
Она што сега се промени, смета Оуаис, е што тероризмот е речиси искоренет од тој дел на Алжир.
„Во планините постојат уште некои места во кои делуваат терористи. Поради тоа мнозинството најдоа засолниште на југот во нестабилниот регион на подрачјето на Сахара, каде е тешко да бидат контролирани. Границите се многу порозни и падот на Гадафи тоа само го забрза“.
Проблемот не е од вчера
Тероризмот во Алжир егзистира повеќе од 20 години и тоа и покрај фактот дека владата во 2002. година прогласи крај на црната декада, вели Вилијам Лоренс, експерт за Северна Африка во Меѓународната кризна група.
„Уште на почетокот на 90-те години постоеја терористи кои доаѓаа од сите делови на светот. Нивното регрутирање се прошири и на Европа и Америка. Тие користат нови технологии, како и слабостите на владата во Мали за да тргуваат со дрога, оружје, луѓе, но и да киднапираат“.
Демонстрацијата на сила во случајот со заложниците ја покажа и нужноста за развивање на нова стратегија против тероризмот, наведува алжирскиот весник „Ал Фаџр“. Меѓутоа, само армијата не е во состојба да ги реши проблемите. Потребно е да се делува во училиштата, верските заедници, а многу нешта мора да се променат и во работата на владата и парламентот. Бидејќи државата не може да се брани само со оружје, туку треба да се работи и на промена на свеста на населението.