1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамковски го слушна обвинението

4 јули 2011

Идниот понеделник (11.07.), првообвинетиот од случајот „Пајажина“, сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, ќе даде исказ во врска со обвинението.

https://p.dw.com/p/11on3
Велија Рамковски беше уапсен на крајот на декември, минатата година
Велија Рамковски беше уапсен на крајот на декември, минатата годинаФотографија: Petr Stojanovski

Идниот понеделник, освен Рамковски, кој се товари за злосторничко здружување, затајување данок, перење пари и злоупотреба на службената положба, исказ треба да дадат и Амди Рамковски, братот на сопственикот на А1 телевизија, Невин Рауф и Зоран Мицевски. Се очекува, во текот на наредната седмица исказ да дадат сите обвинети во случајот „Пајажина“. Ќе се испрашуваат по четворица сведоци секој ден и се очекува распитот на обвинетите да заврши до крајот на неделата. По четири одложувања обвинителката Гордана Гешковска вчера неколку часови го читаше обвинителниот акт за 23-цата обвинети во случајот „Пајажина“, составен на повеќе од 70 страници.

Обвинителството го товари Рамковски за основање 24 фирми во Македонија и странство, кои биле раководени од членовите на наводното злосторничко здружување и биле ставани во функција во зависност од потребите на членовите. Обвинителството тврди дека исто лице се појавувало како основач на повеќе фирми, а управителите постојано се менувале. Според обвинителството, доказ дека сите фирми биле меѓусебно поврзани е податокот дека тројца од обвинетите биле овластени потписници за сите фирми. Речиси сите обвинети се товарат за перење пари, злоупотреба на службена положба, даночно затајување, оштетување на доверители и злосторничко здружување.

NO FLASH Fernsehsender TV A1 Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Одбраната тврди дека никому не му е јасно за што се товарат обвинетите

„Немаме ништо кажано и немаме што да кажеме за обвинението. Ако сега било кој прашате од судската сала за што се работи, за што се обвинети луѓево, јас не верувам дека некој од нив ќе ви каже точно и конкретно за што. Тука се натрупани сите кривични дела коишто спаѓаат во групата економски криминал, така да по избор е ставено се‘ што може да се стави, мислам дека имаше и уште нешто ставено, но тоа е работа на јавниот обвинител, допрва ќе доаѓа разврската“, изјави адвокатот на Рамковски, Мирослав Вујиќ.

На претходното рочиште, што се одржа на 23 јуни, одбраната приговараше на записникот од претходната седница, добиен по електронски пат. Судијката Павлина Христовска останува да го води предметот „Пајажина“, иако адвокатите на обвинетите побараа нејзино изземање поради нејасен записник од претходното рочиште, во кој, како што велат, имало заведено дејства кои не се случиле. Судијката Христовска тогаш објасни дека станува збор за техничка грешка и оти дополнителните страници што ги добиле некои од адвокатите биле само формулар од автоматизираниот систем за управување со предметите кој се користи во сите судови и дека податоци за предметот уште во писарница се заведувале во електронскиот записник.

Автор: ЕМФ/СН/миа/макфакс

Редактор: Симе Недевски