Ракетите на Хезболах сеат страв и смрт во Израел
7 август 2006Сонцето тукушто заоѓаше кога уште еднаш се огласија сирените во Хаифа. Невообичаено, оти Хезболах обично гранатира додека има денска светлина, бидејќи ракетите тогаш потешко се забележуваат. Ракетите овојпат погодија директно едно населено место. Тројца се убиени, а над стотина беа повредени. Многумина останаа затрупани под урнатините на зградите. Гидеон Галди од спасувачките екипи на армијата е вознемирен:
“Дојдовме тука да помогнеме да се угасне пожарот кој избувнал претходно. За пет минути се случи експлозијата и видовме се што се случуваше. Сликата беше застрашувачка”
Ракетите на Хезболах, кои во последниве денови ги има се повеќе сеат страв кај Израелците. По вчерашниот напад болниците во Хаифа беа преполни. Еден доктор објаснува:
“Најмногу се повредени поради уривањето на куќите, па имаат скршеници или модринки. Некои пак настрадале во пожар како последица на нападите”.
Во северниот дел на Израел се повеќе луѓе се скриени по бункери. Предупредувачките сирени како да свират постојано.Се поголем е бројот на бегалци кон југот на земјата.
Иако израелскиот премиер Ехуд Олмерт постојано ги фали успесите на армијата и изјави дека многу го ослабеле Хезболах, ситуацијата во северен Израел и ракетите кои носат нови жртви и повредени, покажува дека не е сосема во право. Набљудувачите на теренот сметаат дека борбите во следните денови ќе бидат уште пожестоки.