1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разочараните земји од Балканот

Избор: ДВ/Ж.Ацеска2 јануари 2015

Граѓаните на Западен Балкан се разочарани. Тие и натаму сакаат влез во ЕУ, но ја нема почетната еуфорија, кога Брисел многу ветуваше. Германскиот печат пишува и за изградбата на најголема џамија на Балкан-во Албанија.

https://p.dw.com/p/1EEBA
Фотографија: klix.ba

„Кога во 2001 година војната на Балканот конечно заврши, граѓаните на овие земји, полни надеж, се свртија кон Европа“, потсетува „Тагесцајтунг“, додавајќи: „Иако Европа потфрли во обидите да ги запре судирите, следеше ветување до државите од југоисточна Европа: мир, стабилност, демократија, почитување на човековите права, економски развој. Европската унија се обврза со пружање перспектива кон сите земји од регионот, перспектива во форма на членство во Унијата. На општествата кои страдаа во комунизмот, Брисел сакаше да им помогне и да им овозможи скок во пазарно стопанство“.

Меѓу народите кои живеат на овие простори ветувањето на ЕУ на почеток доведе до еуфорија, твди авторот на текстот во берлинскиот весник. „На економски развиените држави како Словенија и Хрватска, влезот во светот на пазарно стопанство колку-толку им успеа. Останатите земји потонаа во брутален неокапитализам“. Корупцијата излезе од контрола, власта ја приграбија неодговорни елити.

„Колку одделни општества во регионот беа зрели, можеше да се види во обидите да се скротат споменатите елити и да се изгради ’нормална европска држава’“, смета Ерих Ратфелдер во статијата под наслов „Разочараните земји на Балкан“.

„Во Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговија, Србија, Македонија и на Косово, тоа уште не им успева. Но, големо мнозинство од граѓаните во овие земји сака интеграција, сака да се ослободи од доминацијата на старите елити, сака да живее во нормална европска држава“.

За волја на вистината, никој веќе не верува дека во ЕУ течат мед и млеко.

„Зашто, во Словенија и Хрватска на економски план тешко нешто се промени. Така, во овој дел од Европа дојде парадоксална ситуација во која се се‘ поголеми критиките на сметка на ЕУ. Притоа, она што сакаат граѓаните на новите членки на Унијата, Словенија и Хрватска, кои економски куцаат, е да бидат целосно рамноправни со останатите граѓани на обединета Европа“, заклучува „Тагесцајтунг“.

Papst Franziskus in Albanien 21.9.2014
Папата Франциско во Албанија во септември 2014 годинаФотографија: AFP/Getty Images

Албанија ја добива најголемата џамија на Балкан

„Тирана. Луѓето излегуваат од џамијата по заедничката молитва. Матилда Душку со заруменети образи стои во дворот на џамијата Етем Беј. Наминала само на кратко. 29-годишната жена е дете од мешовит брак, таткото е католик, мајката е муслиманка. Таа работи во поштата, се радува што веќе не може да го закопча својот мантил-Матилда е бремена“, пишува во репортажата на „Зиддојче цајтунг“.

Оваа млада жена во февруари ќе стане мајка. Ретко кога и‘ се укажува можност да разговара со странци. Вели дека би сакала Тирана да добие поголема џамија. Судејќи по се‘, желбата ќе и‘ се исполни.

„Турската верска заедница во албанската метропола планира да изгради најголема џамија на Балканот. Во тој објект на молитва би можеле да присуствуваат околу 4.500 верници. Од еднастрана, изградбата на нова џамија е сосем логична реакција , од другастрана тоа покажува колку и‘ е тешко на Албанија да го пронајде својот идентитет.“

„По социјалистичката диктатура од 90-те години, за муслиманите, православните и католиците почнува долг процес на религиозно созревање. Диктаторот Енвер Хоџа во 1967 година ја прогласи Албанија за прва атеистичка земја во светот“, се наведува натаму во текстот. Албанија уште се опоравува од тие времиња.

Ниедна друга земја во Европа нема толку голем број муслимански верници. Околу 70 проценти од Албанците припаѓаат на исламот. „Но, Ватикан во 90-те години помагаше во изградбата на католичката црква, за илјадници католички верници да го најдат своето место. По тој пат тргнаа и православните христијани од Грција, кои изградија црква со сличен обем. Единствено муслиманите останаа да се молат во старата џамија изградена уште во време на Османското царство“.

„Зиддојче цајтунг“ ја пренесува и изјавата на Мехмет Гормез, шеф на турската верска заедница, кој тврди оти изградбата не е само верска, туку и политичка одлука.

„Албанија и Турција делат иста историја, култура и географија“, убеден е Гормез. За него изградбата на џамијата не е само државно прашање. Тој е уверен оти Турција „долго по крајот на Османското царство, себе си се гледа како заштитник на муслиманите на Балкан.“