1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести при посетата на Папуљас на Тирана

ЖА/миа4 ноември 2013

Грчкиот претседател Карољос Папуљас во Тирана ќе биде пречекан со протести, на кои повика Здружението на протераните Албанци од Грција, „Чамерија“.

https://p.dw.com/p/1AB58
Фотографија: AP

Здружението „Чамерија“ за денеска најави мирен протест пред претседателската резиденција во Тирана и ги повика сите Албанци да учествуваат на собирот.

„Посетата на Папуљас на Албанија е најдобар начин здружението ’Чамерија’ да им стави до знаење на највисоките грчки институции дека проблемот на Чамите постои и оти времето не чека за негово решавање“, изјави претседателот на здружението, Ардиан Тана.

Во 1994 година, додаде Тана, во својство на министер за надворешни работи, Карољос Папуљас на неговиот албански колега Алфред Серечи му рече дека прашањето за Чамите не може да се реши тогаш, бидејќи раните сѐ уште не биле залечени и оти треба да минат 20 години за негово мирно решавање.

„Почитувајќи ги неговите сугестии, ние веруваме дека Папуљас нема да се откаже од она што го кажал пред дваесет години. Ние од него бараме да ги почитува мислењата на некои грчки академици и невладини организации кои ја признаваат вината на нивната земја кон Чамите“, рече Тана.

Тој од Папуљас уште побара, онака како што неговата земја бара да се изградат гробишта на грчките војници во Албанија, истото да се дозволи и на грчка територија за убиените Чами во Грција.

При неодамнешната посета на Тирана, шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос изјави дека првпат слуша за некаков проблем со Чамите и сугерираше за ова тие да се жалат во Стразбур, што наиде на остра реакција на неговиот домаќин Дитмир Бушати и албанската јавност.

Папуљас, кој вчера доцна попладне пристигна во Албанија, имаше средби со лидерот на партијата на грчкото малцинство, Вангел Дуле, кој е и потпретседател на албанскиот Парламент, како и со поглаварот на Албанската афтокефална православна црква, Јанулатос. Официјалниот дел од неговата посета на Албанија почнува денеска.