Протести и контрапротести во Бања Лука
14 мај 2016Опозицијата, по одобрението од градските власти на Бања Лука протестираше (14.05.2016) во паркот „Младен Стојановиќ“, а владејачката коалиција митингуваше на „Плоштадот Крајина“.
„Станува збор за народен протест, а не за митинг на било која опозициска партија или Сојузот за промени. Тука се сите незадоволни - невработените, земјоделци, борци, инвалиди. На протестот треба да се чуе што мислат граѓаните за начинот на владеење на владата,“ рече Младен Босиќ, лидер на Српската демократска партија, СДС.
Недалеку се одржуваше контрамитинг закажан од владејачката коалиција со Сојузот на независни социјалдемократи на чело, СНСД. Целта на контрапротестот не е јасна, некои аналитичари велат дека беше организиран од страв од губење на власта.
Претседателот на Република Српска и лидер на СНСД Милорад Додик најави поднесување оставка и повлекување од политиката ако опозицијата собере на протестите 40.000 луѓе.
„Во исто време и ние имаме протести, и ние имаме причини да кажеме дека опозицијата со својата предавничка политика на ниво на Босна и Херцеговина ја доведе Република Српска во ситуација во која е сега и во таа прилика ќе им кажеме дека предавниците не се добредојдени во РС“, рече претходно Додик.
Сите обиди за договор или евентуално откажување на двата собира пропаднаа. Во Сојузот за промени велат дека со протестот сакаа да прикажат оти РС „не е било чија творба, туку таа припаѓа на народот.“
„Од друга страна се појавуваат луѓе кои организираат режимски протести, а тоа не се народни протести. Тоа се во буквална смисла контрапротести режирани од врвот на режимот поради неговиот страв од нездоволството на народот“, вели Огњен Тадиќ од СДС.
„Не требаше да закажува контрамитинг“, вели Драган Чавиќ, лидер на Народното демократско движење, НДП. „Кога Додик беше организатор на демонстрации во Бања Лука, јас бев претседател на РС и не ми паѓаше на памет да правам контрамитинзи. Не ми паѓаше на памет да доведувам било чиј живот во опасност поради конфронтации“, вели Чавиќ.
Милорад Додик, заедно со денешните коалициони партнери Марко Павиќ и Петар Ѓокиќ во 2004. година организираше демонстрации под мотото „Вака натаму не може“. Најавуваа доаѓање на 30.000 до 50.000 луѓе. Две години подоцна Додик дојде на власт.
Екстремистички групи на протестите?
Една деценија подоцна, соседна Србија изрази загриженост поради протестите. Премиерот Александар Вучиќ во пресрет на протестите изјави дека има информации за можно доаѓање до нереди и дестабилизација на РС. Вучиќ на сите им упати апел да го сочуваат мирот и да избегнуваат било какви судири.
„Му укажав на претседателот на РС Милорад Додик и на српскиот член на Претседателството на БиХ Младен Иваниќ на одредени податоци до кои дојдоа нашите служби. Мораме по секоја цена да избегнеме соочување и судар на српски бајраци. Не смее да се случи да пролеваме било чија крв, а посебно бесмислено би било политичките протести да прераснат во нешто повеќе“, рече Вучиќ, молејќи сите претставници на политичкиот живот во РС со полна одговорност да ја согледаат иднината на РС. Тој предупреди дека било какви судири би го довеле во прашање опстанокот на РС и оти Србија би била доведена во исклучително тешка ситуација.
Според Милорад Додик, најдобро би било да не дојдеше воопшто до протести, но митингот кој тој го организираше, истакна, го предизвикала опозицијата со своето однесување.
Лидерот на СДС Младен Босиќ вели дека имал информации за доаѓање екстремистички групи од Србија на протестите, а одговорноста за евентуални нереди ја префрли врз Додик: „Очекувам и српските органи да интервенираат ако имаат сознанија за екстремисти од Србија. Од полицијата на РС очекувам да ја врши својата работа. СДС и незадоволните граѓани имаат право да го кажат своето мислење и ние ќе се бориме за тоа свое право“, порача тој претходно.
Информациите за доаѓање екстремистички групи за власта се само политичко подметнување од страна на опозицијата. Тие ја обвинуваат и за финансирање од странство, без да кажуваат од каде. Едвард Фергусон, амбасадор на Велика Британија, вели: „Би предложил политичарите да се насочат кон имплементација на реформите, наместо да шират неосновани теории на заговор.“
Да се сочекаат изборите...
Голем дел аналитичари смета дека и едните и другите работат само на своја промоција и оти кампањата за следните локални избори одамна е почната. Се поставува само прашање зошто не се сочекуваат изборите чиј резултат секако би им дал легитимитет и на едните и на другите да излезат пред граѓаните и да ги остварат своите политички цели.
„Легитимно е политичките партии да дигаат тензии пред избори. Барањата на опозицијата се сосем легитимни, а можеби и оправдани. Но она што лично и‘ го забележувам на опозицијата е што не организираше протести порано, во 2004. година кога владата на РС беше формирана незаконски, со купување пратеници. Без оглед на се‘, има простор за протести, со оглед на економската ситуација во РС. Бројна популација е на работ на егзистенција“, вели аналитичарот Жељко Раљиќ, наведувајќи дека власта се плаши од можноста протестите да станат правило и тоа сака да го избегне.
Генерално, опозицијата излезе во јавност со Проглас на кој се наведени причините за протестите, а тоа се криминалот и корупцијата, невработеноста, поскапувањето на струјата, газење на работничките права, должничко ропство... Што се однесува на конкретни барања, организаторите не исклучија можност од повеќедневни демонстрации со цел „уривање на актуелната власт, но никако на институциите на Република Српска.“