1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протеран Бугарин: Пречекорен рок за престој или нешто друго?

20 јули 2022

Само транспарентноста на домашните надлежни институции може да помогне во елиминирање на можноста некои постапки да бидат (зло)употребувани во контекст на меѓусоседските односи.

https://p.dw.com/p/4EOSc
Bildergalerie Skopje
Фотографија: DW/A. Feilcke

Николај Диковски, 49-годишен Бугарин, минатата сабота бил принуден да ја напушти РСМ поради нелегален престој во Скопје. Но, во медиумски известувања во Бугарија за овој случај, се калкулира и со терминот „шпионажа“. Македонските надлежни служби не беа достапни да дадат детали за овој случај, кој во актуелниот контекст на односите меѓу Скопје и Софија може да биде ставен на конто на разни обвинувања за односот кон Бугарите.

Диковски во бугарските медиуми е претставен како човек кој претходно 4 години живеел и работел во Македонија и наводно бил консултант во областа на туризмот. По краток престој во Бугарија, пред повеќе од 3 месеци повторно се вратил во Скопје.

„Во петокот, околу 13 часот по македонско време, ми заѕвонија на вратата во станот во кој живеам. Отворив - беа двајца цивилни полицајци кои рекоа дека вршат рутинска проверка на жителите во населбата. Им ги дадов личните документи сосема спокојно. Рекоа дека треба да ме однесат во полициска станица“, објаснува Диковски во разговор за Нова.бг.

Вели дека во Скопје имал повеќе познаници отколку во неговата Бугарија и не можел да претпостави дека ќе му се случи такво нешто. Придружуван од двајцата полицајци, Диковски отишол во полициска станица каде било побарано да се направи увид за неговиот престој во земјата. Таму му рекле дека ги пречекорил 90-те дена дозволени за престој во Северна Македонија.

„Проблемот беше што навистина го пречекорив тој 90-дневен рок на престој. Знаев за тоа, но и тоа исто така се засноваше на нешто. Јас сум апсолутно запознаен со законодавството на Република Северна Македонија. Јас поднесов документи за отворање на фирма. Врз основа на таа фирма спокојно можам да си го регулирам мојот престој таму. Тие намерно ја доцнеа регистрацијата на фирмата“, вели Диковски, додавајќи дека надлежните се правдале со сезоната на летни одмори и со состојбите во државата.

Откако миграциските служби за 10 минути ја завршиле проверката со неговиот престој и заминале, вели дека во просторијата влегле 25 цивилни лица.

„Тие воопшто не ми се претставија, а почнаа со психичко тормозење. Се интересираа за секое мое дејство, буквално за целиот живот. Тотален распит кој почна во 13 часот, а заврши во 23 часот и 59 минути. Директно никој не ми рече - ти си шпион, но целиот контекст на разговорот беше во таа насока. ‘Кој те обучи, кој те прати, зошто го правиш тоа, ти ли ги раководиш протеститe?’. Јас никогаш не сум бил на протестите таму, дури ни како гледач. ‘Ти и разни бугарски организции овде сте во основата на сѐ, не се појавувате на протести, но вие ги диктирате на некаков начин’... Тoгаш јас избувнав и реков - сакате да кажете дека јас сум шпион? ‘Не, никој не кажал такво нешто’. Но, темата и распитот беа во таа насока“, раскажа Диковски како течел разговорот.

Притоа потенцира дека не било дозволено бугарскиот конзул да присуствува на распитот.

- повеќе: Дичев: Како да се помират Бугарите и Македонците?

Глоба за пречекорен престој

Во саботата (16.07) му била изречена парична глоба за пречекорување на престој, за која рече дека била „над илјада евра“.

„Не се спомна друго обвинение, но условот беше глобата да биде платена во рок од два часа, во неработен ден, кога во Македонија не работат ни банки ниту какви било институции, таму дури во сабота и недела нема каде леб да си купиш“, вели Диковски.

Според него, му бил даден толку кус рок за да не може да се снајде и да биде притворен.

„Само за да видат кој ќе се јави да ме извади од таму - институција, политичар или важна личност“, смета Диковски.

Запрашан - дали е тешко да си Бугарин во РСМ и дали има многу случаи како неговиот, Диковски вели: „До овој момент, додека ова не ми се случи мене, дури и сеќавањето на Спаска Митрева, мене ми беше како фантазија. Штом ми се случува мене, а имам исклучителна поддршка, контакти и познанства на територијата на Република Северна Македонија, на секој кој нема такви позиции и контакти може да му се случи“, вели тој.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Пријателство, познанство...

Во разговорот со него, но и во претходни текстови за случајот втемелени на изјави на негов пријател, провејува необјаснета претпоставка дека тоа можеби му се случило заради неговото пријателство со поранешниот премиер Зоран Заев.

„Блиски пријатели се со Зоран Заев и си мислам дека тоа е во основата на постапката против него. Најверојатно се демонстрира активност на тамошните служби, со оглед дека пред неколку седмици му беа дупнати гумите на бугарскиот џип што го вози. Тоа што се случува околу францускиот предлог се одразува меѓу односите на Бугарите и Македонците“, изјави за Нова неговиот пријател Даниел Бузов.

- повеќе: Генчовска: Бугарите во Уставот, па Македонија во ЕУ

Тој не верува дека Диковски може да бил поврзан со шпионажа, бидејќи македонските служби сигурно не би дозволиле премиерот Заев да биде близок со човек кој се занимава со такво нешто.

Диковски, пак, запрашан за пријателството со Заев вели дека „нема како да биде пријател со човек на толку многу високо ниво“. Односите меѓу нив ги дефинира како „познанство од 2012 година, кога Заев сѐ уште не бил на политичката сцена“. Фотографијата на која се Заев и Диковски, а беше презентирана во емисијата, според ентериерот, укажува дека е настаната во периодот кога Заев бил во премиерскиот кабинет.

Ваквите случаи, уште еднаш ја потенцираат нужноста од транспарентност на домашните надлежни институции, со цел да се расчисти што е веродостојна информација, а што шпекулација. Особено за да се елиминира можноста тие постапки да бидат (зло)употребувани во контекст на меѓусоседските односи.