1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проституција на Охридско Езеро

12 мај 2011

Да не беше туризмот, многу жители на Охрид ќе беа без работа. Меѓу нив и Снежана. Меѓутоа, таа не го заработува лебот како рецепционерка, туку преку проституција. Снежана себеси се нарекува „сексуална работничка“.

https://p.dw.com/p/11Cb7
Фотографија: Petar Stojanovski

„Некои тоа го прават од потреба, некои бидејќи самите сакаат“, вели 45 годишната Снежана. И таа би престанала уште утре, кога би имала друга алтернатива. Облечена во тренерки, со бланширана руса коса, врзана во опавче, ненашминкана и ненегувана, таа изгледа барем пет години постаро. Претставата за „сексуална работничка“ сигурно изгледа поинаку.

„Во моментов живеам на улица и ми треба помош. Ми треба место да се измијам и слично, не сакам да одам по туѓи куќи“, и` раскажува Снежана на социјалната работничка од „Опција Охрид“, дневен центар, кој пред година и пол беше отворен за да им помогне на проститутките од македонскиот туристички град. Тука меѓу другото тие добиваат и јадење, кафе, облека, таблети за главоболка и кондоми. Центарот не нуди единствено преноќување. Снежана вели дека е благодарна за добронамерните совети и учтивоста со која и` приоѓаат, бидејќи тоа не се подразбира само по себе. Во мал град како Охрид, сексуалните работнички лесно се стигматизираат. А, нејзината работа не е ниту безбедна - откако почнала со проституција пред шест години, самохраната мајка неколкупати била силувана. Во меѓувреме вели дека има неколку муштерии, со кои редовно се сретнува во охридските хотели.

Снежана признава дека не е среќна поради работата што ја има. Несреќна и апатична. Дури и при сексот веќе не чувствува ништо, вели резигнирано. „Но, тоа е тоа“, додава таа.

Секоја помош е добредојдена

Mazedonien Ohrid See
Идилата за едни е кошмар за другиФотографија: dpa

Снежана не е единствената. Лошата економска состојба во Охрид и Струга ги принудува особено самохраните мајки и студентките да се зафатат со најстариот бизнис на светот. Како сексуални работнички, набрзина заработуваат пари за живот, или за финансирање на студиите. Дневниот центар „Опција Охрид“ се обидува да им помогне на тие жени. Целта не е да им вршиме притисок да најдат друга работа, вели Јулијана Настовска, туку да им пружиме помош, онаму каде што можеме:

„Основна цел ни е да ја зајакнеме нивната самодоверба. Освен тоа, им објаснуваме кои се нивните социјални права, како да се заштитат од сексуално преносливи болести и несакана бременост“, истакнува Настовска.

Во центарот се нудат дури и курсеви по англиски и совети за шминкање. Одзивот е позитивен, околу 110 жени од околината редовно ја посетуваат организацијата. Но, вистинската бројка на оние, кои се занимаваат со проституција сигурно е многу поголема. За време на викендите и налете, во Охрид владее добро расположение, во многуте клубови и барови работат танчарки, задолжени за загревање на публиката. Колку повеќе се пие, толку повеќе пари заработуваат. Што прават танчарките по завршувањето на вечерта, сопственикот не го интересира. Многу често тие девојки завршуваат во канџите на проституцијата или трговијата со луѓе. За социјалните работници е безмалку невозможно да стигнаат до нив:

„Ние работиме со жени, кои доброволно одлучиле да ја работат таа работа. Но, доколку некој ни пријави случај на присилна проституција, за тоа веднаш ја алармираме полицијата. Меѓутоа, засега сме немале такви примери“, вели Јулијана Настовска од „Опција Охрид“.

Работите се подобруваат

Biljanini Ohrid See, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Дека на Охридско Езеро може брзо да се заработат пари преку проституција веќе одамна не е тајна. Меѓу редовните посетителки на дневниот центар има и повеќе Романки и Србинки. Меѓутоа, и самиот центар го бие добар глас.

„По година и четири месеци, состојбата во Охрид и Струга почнува да се подобрува“, смета Јулијана, додавајќи дека самите жители на градот веќе почнале да ги прифаќаат сексуалните работнички како релативно „нормални“ луѓе.

Меѓутоа, повеќе од единствено сензибилизирање на состојбата, социјалните работнички не можат да сторат. Проституцијата на Охридско Езеро ќе продолжи да постои, се` додека не се искорени сиромаштијата, како нејзин најголем поттикнувач.

Автор: Андреа Милбергер/Трајче Тосев

Редактор:Борис Георгиевски