Проруските сепаратисти сакаат да ги разменат заробените набљудувачи
26 април 2014Отако беа земени во заложништво повеќемина воени набљудувачи на ОБСЕ во источна Украина, германската влада и ОБСЕ интензивно се ангажираат за ослободување на тимот. Проруските сепаратисти во Славјанск и денеска (26.04) се противат да ги ослободат членовите на групата, кон која припаѓаат и четворица Германци.
Водачот на активистите Денис Пушилин изрази сомнеж дека меѓу нив имало „шпиони на НАТО“. „Овие луѓе се професионални војници - за разлика од еден тим на ОБСЕ со кој неодамна нормално разговарав“, рече самоименуваниот градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарјов за руската телевизија. Активистите, според најавите, имаат намера членови на тимот да ги заменат за затворени истомисленици.
Агенцијата Ројтерс извести дека украинската тајна служба на својата интернет страница информирала дека меѓународните набљудувачи биле држени во „нечовечки услови“ и дека проруските сепаратисти планирале да ги искористат како„човечки штит“. На еден од набљудувачите на ОБСЕ му била потребна итна медицинска помош.
Група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа денеска се упати во источна Украина за да постигне ослободување на воените набљудувачи. Во Берлин заседаваше Кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, по што германската влада повторно побара итно ослободување на набљудувачите.
Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен истакна дека набљудувачите и војниците на Бундесверот не биле во Украина за да нападнат. „Тие се таму врз основа на т.н. Виенски документ во рамките на ОБСЕ. Нивна важна задача е да се погрижат за транспарентност и за изградба на доверба“, рече Фон Дер Лајен. Меѓу лицата кои се во заложништво има тројца официри на Бундесверот и еден преведувач.
Рускиот амбасадор во ОБСЕ Андре Келин го критикуваше чекорот на активистите. Заложништвото не придонесува за деескалација. „На мислење сме дека овие луѓе треба да бидат ослободени колку што е можно поскоро.“ Министерството за надворешни работи во Москва без да соопшти детали информираше дека се водат разговори за изнаоѓање решение.
Претходно, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во разговор со неговиот колега Сергеј Лавров се заложи за ослободување на набљудувачите.