Проруските демонстранти протерани од управната зграда во Харков
7 април 2014Зградата е „целосно ослободена од сепаратисти“, соопшти украинскиот преоден министер за внатрешни работи, Арсен Аваков. Тој во својата порака на Фејсбук им се заблагодари на сите поддржувачи, без да наведе дали при протерувањето на проруските демонстранти од зградата било употребено насилство, или тие доброволно се повлекле.
Вчера (6.04) проруски демонстранти зазедоа три управни згради во источниот дел на Украина. Освен во Харков, тие влегоа во управата во Доњецк и на покривот закачија руско знаме, додека пак во Луганск нападнаа објект на тајната служба и бараа ослободување на истомислениците, кои беа уапсени на претходни собири.
Во источна Украина има голем број проруски настроени граѓани. Во регионот постојано доаѓа до немири. Дел од демонстрантите бараат одржување референдум по урнекот на Крим.
По најновите немири во регионот, украинскиот премиер Арсениј Јацењук оцени дека тие имаат за цел да испровоцираат влегување на странски трупи во Украина. Според него, руските трупи се на 30 километри од границата со Украина.