1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промената на полот - невозможна и непожелна во Македонија

Кристина Озимец16 ноември 2012

Ситуацијата за трансродните луѓе во Македонија е тешка. Социјална исклученост, предрасуди, говор на омраза. Нема ни медицински услови, ниту закон за промената на полот. Скопјанецот Лука го почуствувал тоа на своја кожа.

https://p.dw.com/p/16kJ1
Фотографија: DW

Лука бил роден како девојче, но отсекогаш се чуствувал како машко заробено во женско тело. За повеќето луѓе границата помеѓу мажот и жената е очигледна, строга и кристално јасна.

Но не и за Лука од Скопје, кој има 21 година и веќе направи неколку операции за промена на полот, и сака неговиот надворешен изглед да соодветствува со чуството одвнатре.

Необичната животна приказна беше причина за средбата со Лука, млад дизајнер и студент кој живее во Скопје. Со неговиот длабок глас, брада и тетоважите на рацете, Лука изгледа како и многу од момчињата во главниот град на Македонија. Но неговата приказна е малку поразлична. Тој е роден како девојче.

„Се започна кога имав четири години и кога ја прашав мајка ми зошто докторот кој ме породил ми го отсекол пенисот. Таa беше изненадена, но мислеше дека е период кој ќе помине. Подоцна кога имав пет години, и кажав дека ќе се убијам, доколку до следната година го немам она што го имаат останатите момчиња“, вели Лука.

И во тинејџерските години Лука, чие име претходно било Кристина, се издвојувал од останатите. Играњето кошарка со момчињата, тепањето во училишниот двор и заљубувањето во девојка за него било нормална работа, но подоцна сфатил дека сево ова не се смета за нормално во општеството.

„Не знаев како да им кажам на родителите дека се чувстувам како машко. Направив глупава грешка и побегнав од дома. Моите ме фатија. Тоа беше моментот кога им кажав дека не се чувствувам како девојка, дека сум момче заробено во женско тело и дека ќе се самоубијам доколку не го променам телото на некој начин“, раскажува тој.

Luca Transsexueller aus Mazedonien
Длабок глас, брада и тетоважите на рацете, Лука изгледа како многу момчиња во СкопјеФотографија: DW

Нема обучени доктори за промена на полот

Досегашната пракса говори дека Македонија се’ уште нема создадено медицински услови за лицата кои сакаат да ги го променат полот.

Славчо Димитров од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници вели дека како резултат на ваквата ситуација, трансродовите лица се приморани промената на полот да ја прават во странство, најчесто во Белград.

„Сепак и оваа опција останува проблем бидејки се отвора прашањето за покривање на медицинските услуги од страна на Фондот за здравство, кој се уште се нема изјаснето експлицитно околу ова прашање“, додава Димитров. Според него, сериозен проблем е и отсуството на социо-психолошка поддршка и советување кое нужно му претходи и следи на оперативниот зафат на промена на пол.

Токму од овие причини, Лука одлучил решението за себе да го побара во странство. Иако неочекувано, неговите родители го подржале уште од самиот почеток. Таткото на Лука предложил да консултираат психијатар во Македонија, но по само една посета откако докторот се обидел да го најде скриеното девојче во него, Лука не се вратил повеќе.

„Македонија нема обучени доктори за промена на полот и затоа отидов во Белград и таму ја започнав мојата транзиција. По седум месеци хормонска терапија, направив операција за отстранување на моите гради. Шест месеци подоцна направив уште една операција“, раскажува тој.

Правна несигурност

Освен непостоењето на медицински услови, Македонија нема ниту закон кој ја регулира промената на полот вели за Дојче веле адвокатката Наташа Бошкова. „Ваквото непостоење на закон кој ја регулира медицинската промена на полот и промената на полот во документите, во државата создава правна несигурност и кај странките но и кај нас како адвокати кои секогаш работиме врз основа на законот“, вели Бошкова. Таа е адвокат на трансродово лице кое покрена тужба против Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, бидејќи му било одбиено барањето за промена на полот во личните документи.

Luca Transsexueller aus Mazedonien
Лука транзицијата во машкиот пол ја започнал во БелградФотографија: DW

„Управата за водење на матична евиденција, во својот одговор не даде ниту еден основ зошто не сака да го промени полот на странката во неговите лични документи“, вели Бошкова.

Сличен проблем откако го променил својот пол во Белград имал и Лука. „Се вратив во Македонија и се обидов да го сменам полот во мојата лична карта од женски во машки. Прво не ми дозволуваа а потоа ми побараа документ во кој три различни доктори потврдуваат дека сум маж. Беше многу смешно кога отидов на гинеколог. Докторката беше изненадена што гледа маж во нејзината канцеларија“, вели тој.

Ситуацијата за трансродните луѓе во Македонија е тешка, вели Кочо Андоновски, координатор во Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија. „Не постои никаква правна ниту пак медицинска рамка или практика, а таквото „непостоење“ односно социјалната исклученост е надополнето со многу предрасуди, стереотипи, говор на омраза, дискриминација“, додава тој.

Засега трансродовите лица се принудени да побарааат спас за својата ситуација, надвор од земјата. По тригодишна транзиција, Лука вели дека конечно го пронашол мирот во себе.

„Смирен сум, се чувствувам подобро, не сум агресивен повеќе, а порано бев многу агресивен. Се повредував себе си. Повеќе од дваесет пати се обидов да се самоубијам. Се обидов дури и да скокнам од мост. Сепак внатрешниот дух во мене секогаш ме молеше за шанса за живот. Среќен сум што му дадов шанса да живее“, вели тој.