Ултиматумот ги влошува работите
30 јули 2016Претстои жешка есен на релација Брисел-Варшава. Конзервативната влада во Полска има 3 месеца да ги отстрани недостатоците во областа на владеењето на правото. Најголем проблем е дубиозната реформа на Уставниот суд, која според мислењето на меѓународната Венецијанска комисија на овој суд практично му ги врзува рацете. За првпат во историјата на ЕУ е започнат механизам воведен пред 2 години во кој на една држава членка и' се поставува ултиматум.
Како до тоа успеа да дојде токму Полска, земја која досега важеше за примерен ученик на транзицијата и примена на бриселските правила?
Изгледа дека задкулисниот властодржец Јарослав Качински, шеф на владејачката партија Право и правда, жестоко ги потцени надворешнополитичките последици од пресметката со Уставниот суд. Европската комисија не е единствена инстанца која смета оти така се срушени темелите на правната држава. Правни стандарди, независно судство и слободни медиуми се основа за демократија, рече Обама. Но тие негови зборови државните медиуми во Полска не ги пренесоа. Тоа е доказ повеќе дека критиката погодува во центар.
Штета за имиџот
Најновата одлука на Брисел го доведе конфликтот до вжареност А допрва ќе биде жешко. Бидејќи Качински и неговите следбеници правно и политички толку заглавија што сега тешко можат елегантно да се повлечат од своите позиции. Европскиот ултиматум само ја влошува работата. Кој ја познава Полска и полскиот менталитет, сфаќа дека на овој начин предизвикуваат пркосни реакции. А тоа се' му одговара на Качински кој сега има можност на клиентите да им демонстрира дека Полска е суверена држава која не потклекнува пред „диктат“ однадвор. Тоа на полската сцена ќе му донесе поени.
Всушност, Качински може да седне удобно во фотелја и да земе пуканки во раце бидејќи знае оти заканувачки казни- одземање гласови во Европскиот совет- нема ни да има. За таа одлука е потребен консензус од сите 27 членки на ЕУ, а унгарскиот политички другар Виктор Орбан веќе најави вето.
Сепак, останува штета на имиџот која влече болни финансиски и економски последици, без оглед како ќе заврши процесот кој го започна Европската комисија. Полското економско чудо во поголем дел е финансирано од европските фондови. На преговорите за буџетирање секогаш им е потребна добра волја- а кој ќе биде подготвен да им излезе во пресрет на властите кои ги газат основните принципи на владеење на правото?
Тука Качински и неговата партија веќе нема да можат да сметаат на Берлин кој досега гласно ги застапуваше интересите на Варшава. И тоа не само поради актуелната тема туку и поради поткопување на германската позиција во бегалската криза и намалување на правата на германското малцинство во Полска. Цената на овие политички спорови, како и обично, нема да ја плати политичката елита туку обичните граѓани.