1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Придвижување во односите меѓу Ватикан и Руската православна црква?

19 февруари 2004
https://p.dw.com/p/Af1X

Ќе дојде ли до историски пробив и доближување меѓу Католичката и Руската православна црква? Ако се прашаат кардиналите од Рим, тогаш да, но од Патријаршијата во Москва за сега пристигаат воздржани сигнали. Дека нешто "сепак се движи" сведочи посетата на надлежниот кардинал на Светата столица за екуменски прашања, Валтер Каспер на Русија.

Вчера, на првиот ден од посетата на Русија, кардиналот Валтер Каспер одржа богослужба во најголемиот католички храм во Москва, на која присуствуваа свештеници и бискупи од цела Русија. Каспер потоа учествуваше на конференција на тема "Православието и Католичката црква", при што предупреди од претерано мисионирање на католичките свештеници меѓу рускиот народ. "Русија не е паганска земја и затоа не се потребни стратегии за евангелизирање на православните христијани. Руската култура е суштински проткаена со духот на праволсавната црква и затоа должност на Католичката црква е да и' пружи поддршка на Руската православна црква, а не да и' конкурира. Мисионерската должност католичките свештеници треба да ја извршуваат во "духот на почит и соработка со Руската црква" - нагласи претседателот на Ватиканскиот совет за единство на христијаните, Валтер Каспер. Воопшто пак за очекувањата од посетата на Русија, тој вели:

"Се надевам дека ќе можеме да отвориме нова глава во меѓусебните односи и да направиме први чекори на патот кон приближување. Мислам дека Истокот и Западот мораат овде да соработуваат и да ги нагласуваат христијанскиоте корени на Европа, како и заедничките вредности што произлегуваат од нив."

Руската, но и меѓународната јавност со големо исчекување е свртена кон можноста за лична средба меѓу пратеникот на Ватикан и рускиот патријарх Алексеј Втори. Запрашан директно дали се тоа само шпекулации и добри желби или сепак има и реална можност за таква средба, Каспер оценува:

"Тоа е повеќе или помалку сигурно, но не сакам да истрчувам, сакам за тоа да зборувам дури откако средбата ќе ја имаме зад себе."

За почеток за денеска е закажан разговор на Каспер во Руската Патријаршија, веројатно со раководителот на Службата за односи со другите цркви, еден вид Министерство за надворешни работи, Митрополитот Кирил. Веќе и ваквата тајновитост и нејаснотија покажува колку се чувствителни односите меѓу двете Цркви. А главниот проблем при тоа е обвинувањето на руската страна дека Ватикан спроведува агресивно мисионирање меѓу православното руско население. Без надминување на ваквите недоразбирања нема шанси да се оствари ни посетата на Папата Јован Павле Втори на Русија.