1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватните фирми за воено обезбедување во фокус

Александер Дресклер / Е.М. Фиданоска9 јуни 2015

Во време на Блеквотер-скандалот за приватните фирми за воено обезбедување се дебатираше наголемо, но тоа стивна. Германските научници сакаат повторно да поттикнат дебата, зашто фирмите се поактивни од кога и да е досега.

https://p.dw.com/p/1FdSM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Војна со беспилотни летала, европската надворешна и безбедносна политика или пресвртот во арапскиот свет - секоја година пет германски институти за истражување на мирот и на конфликтите се занимаваат со централните дискусии од безбедносната политика и тоа го анализираат во својата Мировна експертиза. Научниците во експертизата ги расветлуваат и темите, кои и покрај својата бризантност ,одвај дека имаат некаков одек во јавноста. Годинава едно поглавје од експертизата им е посветено на приватните фирми за обезбедување.

За овие фирми во последно време се зборува малку. Можеби и затоа што веќе извесно време нема поголеми скандали, како што беше оној во 2007 година, кога на виделина излезе дека соработници на американската фирма Блеквотер во Ирак повеќе пати пукале без потреба и убиле неколку цивили. Критичарите таквите фирми тогаш ги нарекуваа модерни платеници кои само заради пари одат во борба и пртиоа не се придржуваат до законот.

Постојано проширување на полето на дејствување

Претпријатијата во меѓувреме станаа попретпазливи и веќе не настапуваат во Рамбо-манири. Но тие се поактивни од кога било досега. „Во најважните дејности на тие фирми се вбројуваат заштита на објекти и лица, се разбира во прв ред во воени подрачја, добивање информации преку сослушувања, класична шпионажа, но и шпионирање од воздух, доколку имаат соодветна техника за тоа. Меѓутоа, пред се‘, што е особено важно, е тоа што тие нудат обука и тренинг на приватен и државен персонал“, објаснува политикологот од Берлин, Флоријан Флершхајмер.

US Irak Blackwater
Американската фирма Блеквотер беше во фокус на скандалот во 2007 годинаФотографија: AP

И профероката Елке Краман, која учествуваше во изработката на Мировната експертиза, предупредува дека приватните фирми за обезбедување го шират своето дејствување континуирано. На пример, во 1990-тите тие на германската армија главно и‘ продавале логистика на домашен терен. Но, кога Германија почна да испраќа војници во странство, фирмите го презеле и одржувањето на воената опрема во странство. Во мисијата во Авганистан дејноста на приватните обезбедувачи е проширена на чување на германските воени упоришта. Сепак, во меѓународна споредба, Бундесверот ги користел услугите на приватните фирми значително поретко отколку многу други армии.

Навистина поевтино?

Сеедно дали Бундесверот или американската армија - сите државни армии кои ангажираат приватни фирми за обезбедување се надеваат дека на тој начин ќе заштедат. „Но такво нешто баш и не може да се утврди. Тие фирми, токму при меѓународни интервенции, ја искористија недоволната контрола за да ја зголемат својата заработувачка. Често се пресметуваат повеќе услуги отколку што навистина е сработено“, вели Краман, додавајќи: „Кога се‘ ќе се пресмета и спореди, не би рекла дека во меѓународна мисија тоа е поевтино.“

Elke Krahmann
Елке КраманФотографија: privat

Американските воени сили особено имаат искуства со измами на приватните фирми за обезбедување при пресметувањето на цената на услугите. Но и без спектакуларни случаи на измама во Германија искуството покажува дека не се остварила надежта за штедење. Затоа, фирмите кои германската војска некогаш самата ги основаше, сега се укинуваат и нивните дејности повторно ги презема Бундесверот.

Сепак, значењето на фирмите кои зарабтоуваат со дејности со кои некогаш се занимаваа регуларните армии, се зголемува. Андреа Шнајкер од Универзитетот Зиген оценува: „Докажано е дека тие фирми денес се составен дел од меѓународните воени мисии и дека државните армии во многу случаи користат нивни услуги.“

Приватизација на задачите

И Краман и Шнејкер со загриженост гледаат на развојот на состојбите, зашто станува збор за начелното прашање: како да се дефинира државниот монопол при примената на сила? Затоа, Шнејкер прашува: „Кои задачи треба да ги извршува нашата држава, а кои не? Кои задачи може да се приватизираат? Според мене, за ова би требало да се поведе широка општествена дебата, а таква нема.“

Bundeswehr in Afghanistan
Кои воени сфери смеат да бидат приватизирани?Фотографија: picture-alliance/dpa

Германските коалициони партнери - Унијата и СПД, на приватните фирми за обезбедување им дадоа толкаво значење, што дури дискусијата за државниот монопол во безбедносната сфера го опфатија со својот коалицонен договор во 2013. „Воените задачи не смеат да им се префрлаат на прифатни фирми“, се вели во договорот. Но откако големата коалциија е на власт, Бундестагот не се занимавал со оваа тема. Можеби дебатата ќе биде поттикната сега, со објавувањето на Мировната експертиза.