Пречка на патот на Хрватска кон ЕУ
18 декември 2008Утре Хрватска и ЕУ треба да разгледаат и затворат пет поглавија од преговорите за пристап и да отворат уште десет нови поглавија. Загреб се надева дека тоа ќе овозможи членство на Хрватска во ЕУ уште во 2010 година. Но, Словенија ги блокира пристапните преговори поради спорот со границата меѓу двете земји. Спорот е наследство од поранешна Југославија. Двете страни не се согласуваат каде треба да минува границата во Пиранскиот залив. Тој се наоѓа меѓу Италија и Хрватска и претставува единствен излез на Словенија на Јадранско Море. Словенија бара границата да минува така што нејзините бродови ќе имаат директен излез во меѓународни води, на што се противи Хрватска. Љубљана поради тоа ги блокира пристапните преговори на Загреб со ЕУ.
Реакции од Брисел
Најавата на Словенија дека ќе продолжи со блокадата на преговорите во дури 11 поглавија, во Брисел ја прокоментира Ханес Свобода, известувач за Хрватска во Европскиот парламент. Тој изјави дека е потребен состанок на хрватскиот и словенечкиот премиер со помош на посредник и земање обврска дека ниедна од страните нема да прејудицира решение. Свобода нагласува дека моменталната ситуација го доведува во голема опасност временскиот план на Европската комисија за завршување на пристапните преговори на Хрватска до крајот на 2009 година.
Во Брисел сосема сериозно е сватено продолжувањето на словенечката блокада на пристапните преговори на Хрватска. За словенечкото вето ќе се разговара на највисоко ниво веројатно на идниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ под чешкото претседателство. Откако досегашниот претседавач, Франција, не успеа да ја отстрани блокадата на Словенија, задачата преминува на чешкото претседателство. Некои прогнозираат дека проблемот нема да се реши ни во следните шест месеци. Во најлошото сценарио за Хрватска, можно е Словенија да го промени ставот дури по вториот иркси референдум за Лисабонскиот договор. Тогаш би следел голем притисок од ЕУ, зашто словенечкото вето би значело директна блокада и на Лисабонскиот договор. Имено, ирскиот протокол со кој ЕУ договори давање отстапки на Ирска, ќе биде дел од Пристапниот договор меѓу Хрватска и ЕУ и дури отккао Хрватска ќе биде примена во Унијата, стапува на сила и Лисабонскиот договор.
Словенија е упорна
Словенечкиот премиер Борут Пахор по состанокот со претседателите на парламентраните партии изјави дека Словенија на утрешниот состанок ќе даде зелено светло за отворање едено и заворање три поглавија. Блокирањето на 10 поглавија е потег без преседан во историјата на преговорите за членство во ЕУ, изјави пак хрватскиот премиер Иво Санадер на вонредната конференција. Хрватска направи се‘ за да гарантира дека ниеден документ од преговарачкиот процес нема да ги прејудицира граничните прашања меѓу двете држави, изјави Санадер.
„Хрватска нема да прифати уцени, за кои смета дека не им е местото во ЕУ. Нема да го купуваме членството во ЕУ со територии“, потенцираше Иво Санадер.