1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов бара партиите да покажат одговорност кон граѓаните!

КБ17 јануари 2016

Крајно време е доследно, без натамошно одолговлекување, партиите да го спроведат политичкиот договор од Пржино, порача во писмена изјава шефот на државата.

https://p.dw.com/p/1HeuA
Фотографија: MIA

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, преку писмена изјава повторно ги повика лидерите на политичките партии „да покажат одговорност кон граѓаните на Република Македонија, кон нивните и интересите на државата и да стават крај на политичката криза која предолго ја оптоварува земјата".

„Политичкиот договор кој беше постигнат за таа цел има јасни рокови и обврски. Крајно време е доследно, без натамошно одолговлекување, да го спроведат политичкиот договор од Пржино. Претседателот Иванов оценува дека е недозволиво несериозното однесување и немањето чувство за одговорност и државност. Не може да се избегнуваат обврските од договорот, а со тоа да се доведe во прашање европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и просперитетот на граѓаните на Република Македонија" се вели во писмената изјава.

Во неа се нагласува дека Република Македонија, регионот и Европа се соочуваат со сериозни предизвици.

„Она што најмалку ни е потребно денес е продлабочување на политичката криза", порачува Претседателот и изразува благодарност за севкупниот ангажман на меѓународната заедница, особено на еврокомесарот Јоханес Хан со цел спроведување на политичкиот договор. Иванов ја поздрави и подготвеноста на ЕУ за обезбедување на целосна поддршка и гарантирање на слободни и фер избори.

„Граѓаните на Република Македонија им ја дале довербата на политичките партии, не за да бидат заложници на нивните интереси и заложници на политички блокади, туку затоа што очекуваат партиите свесно и совесно да работат во интерес на државата. Граѓаните на Република Македонија очекуваат резултати, одржливи решенија и крај на оваа политичка криза", се вели во писмената изјава на претседателот Ѓорге Иванов.