1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата за обрежувањето - правен фушер?

Волфганг Дик / Александра Трајковска 22 јули 2012

Обрежувањето на момчињата од религиозни причини по пресудата на покраинскиот суд во Келн претставува телесна повреда која се санкционира со казна. Ова предизвика негодување кај евреите и муслиманите. Дебатата продолжува.

https://p.dw.com/p/15cHm
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Дискусијата продолжува жестоко да се води и покрај тоа што германската влада најави дека ритуалното обрежување на момчињата во Германија и натаму ќе биде можно. Дебатата продолжува да се води, оти пресудата која се однесува на конкретен случај, има влијание во општествени рамки. Покраинскиот суд во Келн на 7. мај 2012 година донесе одлука дека обрежувањето на едно момче, кај кое се појавиле компликации, е „повреда на тело која се казнува“. Многумина лекари по пресудата најавија дека привремено ќе прекинат да го изведуваат овој зафат. Многу еврејски и муслимански семејства се налутени, бидејќи не знаат како сега да се однесуваат со нивната религиозна традиција. Претставници на Централниот совет на евреите, Конференцијата на европските рабини и Координациониот совет на муслиманите се на исто мислење и оценуваат дека станува збор за „непочитување и нетолеранција“. Некои рабини германското судство го споредија со судиите во наци-режимот.

Кршење на табуата и непромисленост

Според мислењето на признати историчари и правните експерти за црквата, пресудата на Келнскиот покраински суд открива безгранична непромисленост. Се покажа колку широки кругови од германското општество во една секуларна држава се оддалечиле од темата религија и црква.

Symbolbild Beschneidung
Дебатата околу обрежувањето продолжуваФотографија: picture-alliance/dpa

По злосторствата од огромни размери, како убиството на шест милиони евреи од страна на Германците, судиите во Келн допреа табу и чувствително прашање, како денес треба да биде односот кон евреите и лицата со поинаква вера, смета историчарот Хајнер Билефелд. На еврејските сограѓани во секој случај да им се поставуваат прописи, како да се однесуваат со својот фундамент кој го одредува нивниот идентитет и нивната вера, бара од еден германски суд посебна совесност. По серијата убиства од неонацисти врз турски сограѓани исто така е потребно да се има чувствителен однос и кон муслиманите.

Келнската пресуда безначајна

Судиите во Келн во секој случај не пресудија поради политички мотивации и воопшто не се антисемитски ориентирани, уверен е професорот Мартин Хохут. Како еден од водечките правници во Германија тој предава на универзитетот во Фрајбург и прецизно ја простудира пресудата. При читање на образложението на пресудата тој препознава „модернистичка оддалеченост од религијата“. Многу повеќе тежи тоа што пресудата од правен аспект е целосно погрешно составена. „Судиите не го прочитале уредно уставот“. Германскиот устав ја штити верата. Она што таа значи за евреите и муслиманите не било вистински опфатено. На тоа меѓутоа судот бил обврзан.

Martin Hochhuth Staatsrechtler Universität Freiburg
Мартин ХохутФотографија: Rolf Haid

Според гледиште на Мартин Хохут, во келнската пресуда не се вистински почитувани заштитата на реглиозна слобода и правото на родителите. „Религиозната слобода во Германија е една од малкуте права кои воопшто не можат да бидат ограничени. Заштитата е рангирана многу високо.“

Да се почитуваат правата на децата

Поддржувачите на ставот на судиите од Келн аргументираат со тоа дека досега не биле доволно вреднувани правата на децата. Покраинскиот суд во својата пресуда ја имал во предвид оваа заштита. Здруженијата за заштита на децата критикуваат дека во актуелниот спор многу се внимава на интересите на лоби групите на религиозните заедници. Тоа е целосно неразбирливо, оти Германија во 1990 година ја потпиша конвенцијата за детските права. Според членот 24 од оваа конвенција, постои обврската „пренесените обичаи, кои се штетни за здравјето на децата да бидат укинати“.