Препорака за покренување обвинение против Нетанјаху
14 февруари 2018Израелската полиција синоќа препорача израелскиот премиер Банјамин Нетанјаху да биде обвинет за примање мито, проневера и злоупотреба на функцијата во два случаи на корупција. Со тоа е завршена едногодишната истрага за сомневањата дека примил подароци во вредност од околу 300.000 долари од холивудскиот продуцент Арнон Милхан и од австралискиот милијардер Џејмс Паркер.
Нетанјаху разлутено ги негираше обвинувањата, обвинувајќи ја полицијата за „лов на вештерки“ и најави оти ќе остане на функцијата и дека ќе настојува повторно да биде избран.
Повеќе на темата:
-Нетанјаху сослушан од „израелската ФБИ“
-Затворска казна за израелскиот екс-премиер Олмерт
-Поранешниот израелски премиер Олмерт осуден за корупција
Полицијата соопшти дека во истрагата се пронајдени доволно докази против Нетанјаху за да се подигне обвинение за првиот „Случај 1000“, како што е наречен, примање мито, измама и изневерување на довербата, бидејќи премиерот примил подароци, вклучувајќи цигари и шампањско вино, во вредност од 214.000 долари од холивудскиот продуцент Арнон Милхан и подароци вредни 71.000 долари од австралискиот милијардер Џејмс Паркер.
За возврат Нетанјаху настојувал на Милхан, продуцент на филмовите „Убава жена“ и „12 години ропство“, да му „помогне за виза“ во САД и да му помогне во работата во Израел.
Во другиот, „Случај 2000“, Нетанјаху е наводно снимен како бара од Арнон Мозес, издавач на високотиражниот весник „Једиот ахронот“, позитивно да пишува за него, во замена да го протурка законот со кој би го ослабел конкурентскиот дневен весник. Полицијата рече дека има доволно докази за тужба и против продуцентот Милхан и издавачот на популарниот весник Мозес.
Нетанјаху доцна синоќа преку телевизија ги потсети Израелците на трите децении од својата кариера, за време на кои беше амбасадор на Израел во ОН, премиер и повеќепати министер, и укажа оти поранешните скандали се завршувале така што на крајот „немало ништо“ и дека и „овојпат ќе се заврши исто така“.
Нетанјаху е премиер веќа 9 години, а и неговото семејство е вмешано во низа скандали обелоденети во последните месеци. Тој за тоа ги обвини медиумите, за кои рече оти започнале кампања да го турнат од власт, додека медиумите денес наведуваат дека „започна одбројувањето“ до заминувањето на Нетанјаху.
Главниот обвинител на Израел, Авихај Манделблит, треба да одлучи дали по препорака на полицијата ќе поднесе обвинение против премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Нетанјаху може да остане на должност додека трае овој процес, што значи со месеци. Меѓутоа, тој наскоро би можел да се соочи со повици да се повлече од функцијата.