1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премолчена војна во Турција

Луиз Саман/Ж.А.9 јануари 2016

Во јули 2015 година турскиот претседател Ердоган го прогласи за пропаднат мировниот процес со ПКК. Оттогаш, за Курдите во југоисточниот дел од земјата вооружените судири со војската се секојдневие. Медиумите молчат.

https://p.dw.com/p/1HahL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Старецот, целиот во солзи над гробот на својот син, нема веќе сила да се држи на нозе. Роднините со лица на кои се чита болка, го држат да не падне. Едно 12-годишно девојче гласно плаче на неколку метри од нив. Мртовецот и‘ бил татко.

Речиси секојдневно турските медиуми објавуваат фотографии и снимки од погреби на убиени војници. 49-годишниот Орхан Дилекчи е еден од стотиците убиени минатите месеци од терористите на ПКК. Фотографиите од погребите се објавуваат во ударните термини на телевизија. Но, и секој убиен терорист е тема во вечерните вести, можеби заради документирање на наводната победа на турската војска во борбата против ПКК. За цивилното население од регионот во југоисточна Анатолија, населен главно со Курди, кое е жртва на судирот, малку може да се чуе. „Тенковите поминуваат среде нашите градови“, се жали Ејлем, 27-годишна жена од Дијарбакир, од курдска националност, додавајќи дека пукањето по улиците не престанува. „Илјадници луѓе мораа да ги напуштат своите куќи. И моето семејство побегна пред два месеци. Борбите се водеа токму пред нашата куќна врата.“

Türkei Kurdistan Diyarbakir Demonstration gegen Gewalt
Фотографија: Reuters/S. Kayar

Медиумите известуваат само за „турските маченици“

Ејлем на својот смартфон го отвора Фејсбук и покажува како пријателите и соседите од Дијарбакир ги споделуваат фотографиите од крвавото секојдневие во својот град, известуваат за жените убиени додека оделе да купат леб и за ранетите деца која не се навреме однесени во болница. „Но, во турските медиуми не може да се види ништо од она што се случува овде! Таму се кажува при секоја експлозија дека е таа дело на терористите, се бројат турските маченици. Вестите се апсолутно еднострани и ги има премалку,“ вели Ејлем.

Навистина, во голем дел од Туррција малку се знае за случувањата во градовите како Дијарбекир, Џизре и Ширнак. По речиси двеиполгодишни мировни преговори, курдскиот конфликт повторно се распламти, овојпат не се пука по планините, туку среде градовите. Сред густо населените квартови приврзениците на ПКК поставуваат барикади, детонираат бомби и пукаат врз турската војска. Војската возвраќа со тенкови и десетици илјади војници. Без да се обѕрнува на цивилите. „Ни стигнуваат повици за помош од луѓе кои велат: ’Се криеме со децата веќе со недели во подрумот и немаме ни храна ни струја. Ладно е и насекаде околу нас се пука’“, раскажува Ема Синклер-Веб, ополномоштеник за Турција при организацијата за човекови права Хјуман рајст воч. „Она што е грозно притоа е што во таква ситуација речиси не можеме да ги разјасниме околностите за смртта на бројни цивилни жртви. Речиси ниеден новинар нема пристап во тие подрачја за да може да снима и документира.“

Türkei Gewalt bei Diyarbakir
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Xinhua/M. Macit

И критичките медиуми ги пренесуваат владините наводи

Турската влада во изминатите неколку месеци 54 пати прогласуваше полициски час во југоисточниот дел од земјата. Со таа мерка не се парализира само секојдневието на цивилите, туку и на претставниците на медиумите, адвокатите, невладините организации, па дури и на лекарите, забранувајќи пристап кон квартовите во кои владеат борби. Големата дупка во информирањето на јавноста која настанува на овој начин не само во Европа, туку и во самата Турција, е свесно предизвикана, смета Черен Шозери, експерт за медиуми од Истанбул. „На оние новинари кои се обидоа да известуваат од овие региони им се одзема опремата и се бришат нивните фотографии и снимки. Додека потоа се држат во притвор, им се контролираат профилите на социјалните мрежи, па ако приватно напишале било што што може да се искористи против нив, им се закануваат затворски казни поради ширење терористичка пропаганда“, објаснува Шозери.

Но, турската јавност не е толку лошо информирана само поради стравот. Бројни медиуми не сакаат ни да известуваат поинаку, наведува експертот. Дури и медиумите кои инаку се критички кон Реџеп Таип Ердоган, ги пренесуваат само службените владини наводи. Тоа е стар проблем: кога станува збор за Курдите, тогаш меѓу Турците одеднаш настанува единство. Тогаш веќе нема опозиција“.

Притоа, токму во овој момент задача на критичките медиуми би била да го постават прашањето: како еден конфликт, кој оружените сили не можат да го завршат ни по 30 години, би можел да се реши одеднаш сега со турски тенкови.