Предизборна кампања со тупаници, бомби и огнено оружје
6 мај 2011Весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг предизборна Албанија ја опишува на следниов начин:
„Во недела се одржуваат локалните избори, а земјата одамна нема доживеано толку крвава изборна кампања. На повеќе места дојде до масовни тепачки, на некои дури и до пукотници меѓу приврзениците на опозициската Социјалистичка партија и владејачката Демократска партија. Имаше дури и атентат со огнено оружје врз кандидат на демократите и еден бомбашки напад врз куќата на кандидат на социјалистите. Во изминатите недели беа регистрирани повеќе насилнички акти отколку пред парламентарните избори во мај 2009 година, на кои социјалистите загубија тесно. Оттогаш Албанија е во постојана политичка криза. Социјалистите, предводени од градоначалникот на Тирана Еди Рама, не го признаваат изборниот исход и бараат нови избори, што премиерот Сали Бериша го отфрла. Затоа пратениците од опозицијата ја блокираат работата на парламентот, а во јануари дури имаше и смртоносни судири меѓу приврзениците на социјалистите и безбедносните сили“, читаме во Франкфуртер Алгемајне Цајтунг. Авторот потоа анализира:
„Тоталната политичка блокада и насилството го продлабочуваат јазот меѓу албанското општество и политичката класа. Албанија, вели писателот Фатос Лубоња, доживува истовремено длабока политичка, економска и морална криза. Надежта за обнова е исчезната. Моќта лежи во рацете на ривалските олигарси , на кои партиите од двата табора, кои се крајно деидеологизирани им служат како инструменти. Сепак, овие локални избори се важни, зашто тие одлучуваат за тоа дали дуополот Бериша-Рама ќе премине во монопол Бериша. Навистина предизборната кампања изгледа како во неа да не станува збор за нов избор на општински совети, туку за последна битка меѓу Бериша и Рама“, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, кој клучната изборна битка ја лоцира во Тирана, каде Еди Рама се надева на четврти мандат како градоначалник а Бериша му го спротивставува поранешниот министер за внатрешни работи Љуљзим Баша.
„За Рама во игра е многу. Ако загуби во Тирана ќе ја загуби и неговата база на моќ, а со неа и лидерска функција во партијата... Доколку уште еднаш загуби и на локалните избори неговата политичка кариера може да заврши“, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.
И весникот Ноје Цирихер Цајтунг укажува дека најважната битка на изборите е во Тирана:
„Доколку Рама го загуби главниот град , а со тоа и контролата над вносни градежни зделки, тој уште повеќе ќе ја оддалечи својата партија од државните јасли. Практично, пророчнички, тој веќе ги обвинува владејачките демократи за изборна измама. Обвинувањето гласи дека голем број државни службеници кои не живеат во Тирана незаконски се трансферирани на изборните листи на главниот град. Но и премиерот Бериша не може да гледа мирно кон денот на изборите, зашто неговата влада стои на кршлива основа “, пишува авторот во Ноје Цирихер Цајтунг, кој говори дека обвинувањата за изборна измама се традиционална практика во Албанија:
„ Еден поглед во минатото покажува дека од демократскиот пресврт досега во Албанија немало избори на кои партијата губитник го признала изборниот пораз и без ’ржење’ седнала на опозициските пратенички клупи. Наспроти тоа, поразената партија - без оглед дали биле социјалистите или демократите - постојано ја доведувала во прашање легитимноста на изборите, значи рекламирала изборна измама. Би било значи пожелно овој секогаш ист шаблон да биде прекинат, но дека тоа ќе се случи токму во оваа недела е неверојатно, со оглед на напрегнатата атмосфера во земјата“, читаме во весникот Ноје Цирихер Цајтунг.
Извор: ФАЦ / НЦЦ
Обработка: Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска