1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот „Фејсбук“- роман од читателите прави писатели

15 август 2010

Релативно непознат писател од Австрија го покрена како што вели првиот роман на социјалната интернет мрежа „Фејсбук“, каде читателите сами учествуваат во креирање на содржината. Тоа е литература во нова форма, вели тој.

https://p.dw.com/p/Okti
Вака изгледа интерактивниот роман „Цвирблер“ на „Фејсбук“Фотографија: facebook

Започнува со болки, пирсинг и многу крв. Дејството се одвива преку „Фејсбук“ статусите на главниот протагонист „Цвирблер“, додека другите членови на социјалната мрежа можат да ја менуваат приказната според своја желба или едноставно да ги коментираат пишувањето и настаните. Резултатите се некогаш поетични, а некогаш болни.

Учесниците во овој проект продолжуваат со сопствени идеи да ја развиваат и дополнуваат првобитната мисла на писателот или да ја свртат приказната во целосно поинаква насока.

„Очекувам да научам многу , да прочитам низа занимливи идеи од читателите и пријатно да се изненадам безброј пати“, вели авторот Гергели Тегласи за ДВ за неговите надежи од романот кој се пишува во реално време.

Нова форма на книжевност?

Интерактивните романи одамна се широко распространети на интернет, но 40 годишниот Тегласи тврди дека неговото дело е прво од ваков вид на „Фејсбук“. Тој на почетокот на јули започна да го пишува својот роман на германски јазик за публика над 17 години, а во меѓувреме им се допадна на преку 3000 луѓе на социјалната мрежа.

Авторот настојува редовно да го обновува статусот на „Цвирблер“ и додава нови поглавја на „Фејсбук“ страницата со цел читателите да останат заинтересирани, но истотака води сметка и да не ги „преплави“ со неговите описи.

Facebook Zwirbler
Авторот на „Цвирблер“- Гергели ТеглесиФотографија: Zwirbler

Многумина критичари на „Фејсбук“ велат дека оваа онлајн заедница е супститут за реална заедница. Но дали романот „Цвирблер“ би можел да биде и супститот за вистинската литература?

Не, вели авторот, тоа е литература во нова форма, и нема намера да ја заменува туку да надополнува.

Мрзеливост на авторот или пионерско дело...

Тегласи кој е роден во Будимпешта, но студиите за драматургија, филм и медиуми ги завршил во Виена, истакнува дека голем број луѓе денес едноставно нема време да седнат и читаат долга традиционална книга, а преку новините во статусот на „Цвилблер“ добиваат куси литературни закуски додека седат пред компјутерот или типкаат на нивните „Ај- фони“.

Без оглед колку изгледа како пионерско дело, некој може да се посомнева дека ова е само одраз на мрзеливоста на авторот. Впрочем како што напиша германскиот весник „Велт Компакт“, кога Тегласи се чувствува неинспирирано да пишува самиот и нема идеи, тој може да ги остави неговите читатели или фејсбук- пријатели да продолжат со приказната.

Писателот меѓутоа вели дека токму во тоа е смислата за што говори и самото име на романот „Цвирблер“ што на германски значи „некој што завртува“. Во таа смисла секоја личност што дава придонес за „Фејсбук“- романот го врти и превртува дејството.

Автор: Луиза Шефер/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска