Пратениците ќе го трчаат деветтиот круг
6 април 2017Маратонот во Собранието продолжува. На деветтото продолжение од конститутивната седница на чиј дневен ред се избор на членови на Комисијата за избори и именувања и претседател на Собранието, пратениците од СДСМ нема да се јавуваат за реплика. Засега тоа е единствениот начин да придонесат за забрзување на темпото на работа во законодавниот дом. Решение бараат и лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, кои на вчерашната средба зад затворени врати, разговарале околу модалитетите за деблокирање на Собранието. Од СДСМ и ДУИ не откриваат дали и што договориле двајцата лидери. Во недостиг на официјални информации се шират три неофицијални верзии: дека било договорено решението да не отстапува од институционалните процедури дури и по цена да се потроши многу време; дека решението треба да се бара на лидерска средба; и дека има стратегија за излез од блокадата, но таа нема да биде споделена со јавноста до нејзината реализација.
Последната можност вчера ја најави пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.
„СДСМ и коалицијата има и стратегија и конкретен план, и дозволете во даден момент да го реализираме во интерес на деблокирање на Собранието. Овие 67 пратеници ќе изберат претседател на Собранието и ќе ја изберат новата реформска Влада. Тоа не е право, тоа е обврска што ни ја дале 700.000 граѓани. Кога ќе го направиме тоа? Дозволете таа стратегија и тој план да не е преку медиумите, туку конкретно биде операционализиран“, рече Николовски.
Притоа децидно ја отфрли можноста за одржување лидерска средба.
„Со криминалци кои ја доведоа Македонија во оваа криза, не планираме ниту да преговараме, ниту да се договараме. Граѓаните нам ни го дадоа легитимитетот, нам ни го пренесоа суверенитетот и токму ова легитимно и демократско мнозинство во парламентот ќе ги преземе сите механизми кои ни стојат на располагање“, изјави Николовски.
Има разлика
Но, според одредени изјави од кампусот на ДУИ, се добива впечаток дека во партијата на Ахмети не се толку загрижени што парадата со процедурални забелешки, реплики и контрареплики може да трае во недоглед. Артан Груби во тв-настап покажа разбирање за блокадата на парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека таква практика користеле и СДСМ и ДУИ. Но, извори од партијата велат дека мора да се прави разлика што се споредува.
„Точно е дека и СДСМ и ДУИ користеле слична практика. Но, мора да се има предвид разликата. Едно е да се практикува 'филибастер' или да се достават куп амандмани во парламент кој веќе функционира во полн капацитет, а друго е да се користи таква практика за да се оневозможи парламентот да профункционира со избор на претседател и на собраниски тела. Во тоа е разликата, и таа не е мала, туку суштинска“, велат партиски извори.
Од ДУИ уште минатата недела најавија дека се консултираат за повеќе опции за деблокада на парламентот, но досега во оптек е само една: нивните министри да ја напуштат владата. Сепак, потенцираат дека тој чин нема да го реши проблемот и да го деблокира Собранието, бидејќи министрите ќе мора да ги извршуваат обврските до избор на нова влада. Ефектот од тоа би бил само политичка порака дека ДУИ е сериозно подготвена за коалицирање со СДСМ. За другите размислувања не се подготвени да зборуваат „во овој момент“.
Нема мораториум за Декларацијата
Она околу што постои едногласност, е дека ДУИ не размислува за прогласување мораториум на одредено време за Декларацијата зад која застанаа парламентарните партии на Албанците, (со исклучок на ДПА) и покрај тоа што таа и натаму се користи како аргумент од претседателот Иванов за да не го даде мандатот. Велат дека во Декларацијата не постои ниту еден елемент кој води кон нарушување на уставниот поредок и затоа нема никаква основана причина таа да биде привремено или целосно повлечена.
Артан Груби вчеравечер во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“ повтори дека ДУИ не е ниту за федерализација, ниту за кантонизација, ниту за поделба на Македонија, туку го почитува унитарниот карактер на Македонија и нејзиниот уставен поредок. Без оглед што потписниците на Декларацијата во парламентот постојано објаснуваат дека таа не води кон федерализација и дека за секоја промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство кое сега го нема, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ги запираат дискусиите на истата тема. За да ја забрзаат работата, пратениците од СДСМ се откажаа од реплики на вчерашното, осмо продолжение на седница. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ им порача да не помислуваат да креираат инциденти во Собранието.
„Нека не ве лаже паметот да правите чекори кои што ќе ги зголемат тензиите во Собранието“, рече Милошоски.
Од СДСМ упатија забелешки до претседавачот Трајко Вељаноски - дека ако работел строго деловнички, на најголем дел од пратениците ќе им бил одземен зборот, бидејќи не дискутираат за точките од дневниот ред. Побараа седницата да трае се до исцрпување на дневниот ред, но нивното барање беше отфрлено.