1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Праисториски музеј на колци во Охрид

Милчо Јовановски18 декември 2008

По реставрацијата на Самоиловата тврдина, дооткривањето на Античкиот театар и изградбата на Светиклиментовиот манастир на Плаошник – Охрид деновиве го доби и Музејот на вода кај Градиште.

https://p.dw.com/p/GEyw
Охрид е полн со археолошки локалитетиФотографија: dpa

„Заливот на коските“ на идните посетители ќе им ги открива тајните на праисторијата. Музејскиот комплекс, освен културна, ќе има и туристичка димензија, а тука ќе се развива и археолошкиот подводен туризам.

Музејот на вода е составен од неколку објекти. Во него се успешно споени неолитот, римското време и сегашноста. Преку Градиште е влезот во овој нов локалитет. Тука е распослана населбата од римско време. На тој простор лани се вршеа археолошки истражувања. Преку таканарачената римска патека се слегува до брегот каде што од камен е изграден пристапниот објект.

Уникатна населба

Во осум куќи што лежат врз дрвена платформа на колци, кои влегуваат во длабочините на Охридското Езеро, е претставен животот на луѓето кои живееле на овие простори од 1.200 до 700 година пред новата eра, изјави за „Дојче веле“ Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство. Населбата е уникатна, тврди Кузман. „Многу ретко се презентирани вакви населби. Има една на Балканот околу Костур. Таа сега не е на вода како оваа. Исклучителноста на оваа населба е во тоа што таа лежи врз езерото. Најдалеку за две години ќе ја реконструираме целосно таа населба, со што, всушност, ќе добиеме еден мал праисториски град во Охрид. Тоа е многу ретка појава. Ќе реконстрираме онолку куќи, колку што биле, околу 25“, вели Кузман.

На едно место има огниште, на друго се послани кожи и сламарки за спиење, потаму има фурни за печење леб. Така изгледа внатрешноста и околината околу куќите. „Заливот на коските“ ќе биде отворен во текот на целата година, а гостите ќе ги пречекува експерт. Животот од праисторијата на овие простори се доловува и со котлињата, грнињата и другите археолошки керамички предмети извадени од дното на езерото.

Објектот ќе биде туристичка атракција

И министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска верува во атрактивноста на Музејот на вода за кого од буџетот издвои два милиони евра. „Се надевам дека овој објект ќе биде голема туристичка атракција, со оглед на големиот број туристи кои доаѓаат во Охрид в лето. Со оглед на тоа што Охрид и Охридското Езеро се наоѓаат на елитната листа на УНЕСКО, Музејот е од голема важност и за Македонија, но и во светски рамки.“

Подводниот археолошки локалитет пред една деценија го откри познатиот охридски нуркач Милутин Секулоски. По него и градот е наречен Миќов град – Плоча. „Десетгодишниот сон веќе се оствари. Во далечната 1997 година при едно обично рекреативно нуркање случајно ја открив таа населба. Нема човек што се занимава со нуркање, што не би посакал да влезе под вода и да ја види праисториската населба. Овде ќе биде сместен и Нуркачкиот центар и ќе се нудат сите оние услуги што се нудат во целиот свет: курсеви за подводна археологија, подводно разгледување и други курсеви.“

Videobox Europa Aktuell: Best of 2005 - Taucher
Со нуркање до подводната праисториска населба

За понудата да биде комплетна, на патот Охрид-Свети Наум ќе биде отворен и национален ресторан. Така домашните и особено странските туристи ќе можат да ги пробаат македонските кулинарски специјалитети и со сите сетила да го почувствуваат овој крај.